ЦИК на Албанија го коригира постерот и сега стои македонско национално малцинство

Албанската Централна изборна комисија (ЦИК) денеска го коригира постерот наменет за македонската заедница во Албанија, употребувајќи го терминот македонско национално малцинство.

Претходно, пред два дена претседателот на Централната изборна комисија на Албанија, Илирјан Целибаши на својата официјална Фејсбук страна на комисијата ја најави посебната програма за едукација и информирање на гласачите – припадници на националните малцинства за локалните избори и македонската заедница во Албанија беше именувана како „национално малцинство на Северна Македонија“.

После реакциите на македонската амбасада во Албанија, претставникот на македонската заедница во Комитетот за националните малцинства, партијата Македонска алијанса за европска интеграција, (МАЕИ) и Македонското друштво „Илинден“-Тирана, ЦИК го коригира постерот на македонски јазик именувајќи ја македонската заедница како македонско национално малцинство, како што официјално се признава во Албанија.

Прочитајте и:  Весник „Илинден": Вистината на виделина за измислените Бугари во Албанија

ЦИК за локалните избори што ќе се одржат на 14 мај 2023 година, за првпат во историјата на изборните процеси во Албанија, одобри посебна програма за информирање и подигање на свеста на гласачите-припадници на националните малцинство во Република Албанија, вклучително и македонското, на нивниот мајчин јазик.

МИА

- Реклама -