Време е Шведска да стане членка на НАТО, бидејќи направи сè што е потребно Турција да го одобри нејзиното приклучување, изјави денеска генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг.
„Дојде време процесот на ратификација за Шведска да заврши. Уверен сум дека Шведска ќе стане членка на НАТО. Не сакам да дадам прецизен датум кога тоа ќе се случи. Процесот за влез на Шведска беше невообичаен и брз, обично трае неколку години“, изјави Столтенберг за шведскиот весник „Афтонбладет“.
Шведска и соседна Финска во мај ја напуштија својата повеќедецениска политика на воена неутралност и поднесоа барање за влез во НАТО, откако Русија ја почна својата инвазија врз Украина на 24 февруари. За влез на една земја во НАТО е потребно одобрение од сите членки на Алијансата.
Парламентите на 28 од 30-те членки на НАТО го ратификуваа протоколот за прием на Шведска и Финска, а само Турција и Унгарија сè уште не го сторија тоа. Турција врши притисок врз двете нордиски земји да ги потиснат групите што Анкара ги смета за терористички организации и да екстрадираат лица осомничени за злосторства поврзани со тероризам.
МИА