Бислимоски: Ќе испратиме јасен сигнал до потрошувачите кои штедат струја дека ќе имаат намалени трошоци

„Ќе испратиме јасен сигнал до потрошувачите кои штедат, дека ќе имаат намалени трошоци на електрична енергија“, истакнува за МИА претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги – Марко Бислимоски, по состанокот на 53-от Борд на регулатори на Енергетската заедница што се одржа во Атина.

На состанокот, со кој како претседател заседаваше првиот човек на РКЕ, биле разгледани мерките во енергетскиот сектор кои се преземаат од сите земји членки на Енергетската заедница за да се обезбеди сигурно, стабилно и непречено снабдување со електрична енергија и природен гас.

Во разговорот со дописничката на МИА од Атина, Бислимоски ги пренесува заклучоците од дискусијата, но говори и за одлуката што на национално ниво треба да се донесе следната седмица за цената на електричната енергија во првите шест месеци од 2023 година, повторувајќи го неговиот став дека тој лично е противник на зголемувањето на цената на електричната енергија.

„Верувам дека со нашите одлуки кои најверојатно ќе бидат донесени во средината на следната недела ќе обрнеме најмногу внимание на малите потрошувачи кои што, да, имаа зголемени трошоци во првите шест месеци од оваа година и гледаме дека тоа им претставува најголем проблем, тоа се компании кои вработуваат најголем дел од населението во државата и сакаме кај нив да ја релаксираме ситуацијата од аспект на трошоци за електрична еергија и најверојатно ќе имаме таму значително намалување на цената на електричната енергија. Исто така и кај домаќинствата не очекувам да има некои сериозни промени, бидејќи на домаќинствата, веќе им е неколку пати зголемена цената на електричната енергија и фер е сега, како што помагаше државата досега со содветни субвенции истото е најавено и за следната година и домаќинствата да бидат малку во порелаксирана ситуација од аспект на цена на електрична енергија“, вели Бислимоски за МИА.

Прочитајте и:  РКЕ: Издадени 254 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори

Објаснува дека во овој момент, ЕСМ ги достави своите понуди кај ЕВН хоум за универзалниот снабудувач со електрична енергија, кај Електродистрибуција за цената за загубите на електрична енергија.

-До крајот на оваа недела или в понеделник ќе ја достави понудата за цените за загубите во преносната мрежа. Како што истакнував и пред неколку месеци, јас сум противник на зголемувањато на цената на електричната енергија, имајќи предвид дека кога требаше, Регулаторната комисија за енергетика ја зголемуваше цената на елктричната енергија и за домаќинствата и за малите потрошувачи и оваа е година кога имаме значително зголемено домашно производство на електрична енергија, истакна претседателот на РКЕ и додаде дека кога ќе се вклучи ТЕЦ Неготино, со околу 25 проценти доста ќе ја релксира ситуацијата од аспект на увозна зависност за потребите на малите потрошувачи.

Паралелно потенцира дека концептот на примена на тарифни блокови продолжува, што веќе е воведен во се повеќе земји, функционира и се применува.

„Така да, уште еднаш ќе испратиме јасен сигнал до потрошувачите кои штедат дека ќе имаат намалени трошоци на електрична енергија. Таму каде што имаме екстремна потрошувачка, тие се разбира дека ќе плаќаат повеќе, колку што плаќале во иминатите години“, порача Бислимоски.

- Реклама -