Во Шведска годинава рекордни 60 жртви од огнено оружје, Данска има 4, Финска има 2

Шеесет луѓе се застрелани во Шведска оваа година, што е рекорден број во модерната историја на земјата. Во Шведска во последниве години се забележува серија престрелки, при што полицијата и властите ги обвинуваат криминалните банди кои шетаат во големите градови, како што е главниот град Стокхолм.

„Насилството со огнено оружје се зголеми и за жал достигна нов крвав рекорд оваа година“, изјави министерот за правда Гунар Штромер.

Тој истакна дека оваа година во Шведска имало 60 фатални престрелки, наспроти четири во Норвешка и Данска и две во Финска.

„Смртта е само врв на ледениот брег на насилство и организиран криминал, кој е вкоренет во делови од општеството“, рече Штромер.

Минатата година во Шведска беа застрелани 45 луѓе. Според податоците на шведскиот национален совет за спречување на криминалот, во 2012 година бројот бил 17.

Штромер рече дека Владата ќе создаде специјален совет во Министерството за правда за да ја координира борбата против организираниот криминал.

„Пристојното општество не може да прифати секоја недела некој да биде застрелан на улица“, рече Штромер.

Во текот на изминатите 20 години, Шведска премина од една од најниските стапки на насилство од банди до една од највисоките стапки, според Советот за спречување на криминалот.

МИА

- Реклама -