Германското Министерство за надворешни работи ги предупреди германските граѓани да бидат внимателни доколку планираат да патуваат во земјава, поради дојавите/заканите за поставени бомби.
Иако засега сѐ се сведува само на закани, министерството апелираше граѓаните да бидат претпазливи и да се информираат за ситуацијата, и тоа исклучиво од доверливи медиуми, локалните власти и безбедносните служби.
Германското МНР ги предупредува германските граѓани и дека, доколку патуваат во земјава, треба да очекуваат ограничувања и сообраќајни проблеми.
„Закани со бомби против јавни институции и објекти во последно време се регистрирани во главниот град Скопје. Тие првично беа насочени кон училишта и владини објекти, но во меѓувреме се погодени и хотели и други невладини установи. Последно, беше неопходна евакуација на меѓународниот аеродром Скопје, каде сообраќајот мораше да биде привремено запрен“, посочува германското МНР.
Извор: Дојче Веле