За Уставниот суд е спорнa aпaнажата на функционерите и пратениците кога самите даваат оставки или кога се разрешени, па денеска поведе постапка за членот 22 од Законот за плати и надоместоци на избрани и именувани лица кој им го овозможува ова право.
Тоа, велат од Уставниот суд, значи дека Судот е на чекор да го укине правото на функционерите кои иако самите си даваат оставки или се разрешени од функциите поднесуваат барања и си ја земаат платата и до година дена, а не се веќе на функција.
Во членот за кој е поведена постапка е предвидено дека пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има правата на остварување на плата по престанувањето на функцијата. Лицата додека го остваруваат правото на плата, имаат право и на надоместок за користење на годишен одмор, според став 2 од членот 22 од Законот.
Што се однесува до останатите одредби, Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на членовите: 19, 20, 21, 23, 24 и 25 од Законот означен во точката 1 од ова решение и одлучи да ја отфрли иницијативата по однос на барањето за оцена на меѓусебната согласност на одредбите означени во точките 1 и 2 од ова решение со членовите: 105, 106 и 113 од Законот за работни односи.
Ваков случај имаше пред четири години кога апанажа побараа членовите на ДИК кои во 2017-та година сами си поднесоа оставки под притисок на јавноста и американскиот амбасадор Џез Бејли кој јавно ги искритикува дека си изгласале бонуси за локалните избори во висина од четири и две дополнителни плати.
МИА