Промената на Уставот нема да ја дестабилизира државата, вели Пендаровски

Промената на Уставот со цел внесување на Бугарите во него не е страшно и нема да ја дестабилизира државава, изјави претседателот Стево Пендаровски вечерва во „24 Анализа“ на ТВ24, но, како што рече, според неговите информации, го нема потребното мнозинство во Собранието за тие измени да се случат.

„Јас сум прв за промена на Уставот за Бугарите во Устав, бидејќи не мислам дека тоа е страшно и дека ќе ја дестабилизира Македонија. Освен Македонците, имаме и други делови од народи. Меѓутоа, ако ги немаме потребните 80 пратеници, како ќе ги направиме“, рече Пендаровски.

Според него, а врз основа на информациите достапни во јавноста, во овој момент, во сите комбинации, за измена би гласале максимум 74 пратеници би гласале, било да се од власт или во опозиција.

„Недостасуваат шест пратеници. Од ова што е остатокот од овие 74 до 120 не знам еден единствен кој вели: ‘се мислам, можеби ќе гласам’. Не сум чул. Значи, фактичката состојба е таа. Дали се разговара? Да. Дали Владата треба да разговара со сите пратеници? Одговорот е да“, рече Пендаровски.

Меѓу другото, тој потсети и на серијата посети на меѓународни претставници на земјава, при што најави и посета на германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер која треба да се случи на 29 ноември, а при која ќе има и негово обраќање во Парламентот.

Прочитајте и:  Мицкоски за уставните измени: Не сме ни Бујар, ни Маричиќ, ни Ковачевски да бидеме лековерни и наивни, нема да влегуваме во авантури

„Сите меѓународни преставници во агендата имаат да се видат со опозицијата и ќе ги прашуваат. Можеме да се чудиме зошто опозицијата… зборувам за главната опозициона партија која вели немаат проблем со содржината на барањето, но пак не би гласале бидејќи бараат некаков тип на гаранција, да им дадат гаранција дека ова е последно барање… но сеедно, сите тие кажуваат дека немаат намера ни денес, ни утре, ни до новите следни избори да гласаат“, рече Пендаровски.

Според него, Владата треба да се обиде да разговара го добие неопходното мнозинство.

„Јас до овој момент, не сум дел од Владата, не сум дел од Парламентот, до овој момент моите информации се дека нема ни близу 80 пратеници денес. Дали треба да има? Според мене, да. Стратешка цел е, утре сегашнава опозиција ќе биде на власт. Сегашнава власт ќе биде опозиција. Па ќе барате од утрешната опозиција две третини, ќе барате. Нели, ако ви е целта навистина ЕУ, да не губиме време. Меѓутоа, очигледно калкулациите како ќе поминеме на следните избори, и што ни носи и што ни губи тоа, е доминантно“, оцени Пендаровски.

 

- Реклама -