Продолжување на летното сметање на времето ќе ја зголеми потрошувачката на електрична и топлинска енергија, покажува анализата

Останување на актуелното летно сметање на времето – опција што Владата ја разгледуваше како можност за дополнителна заштеда на електрична енергија поради енергетската криза, не само што нема да ни заштеди, туку во крајна линија дополнително ќе ја зголеми потрошувачката на електрична енергија, покажува анализата на Министерството за економија, информираат од Владата.

Поради тоа, Владата на денешната седница одлучи да не се менува начинот на кој досега се сметаше времето, односно и овој викенд – последниот во октомври, да се премине на зимско сметање на времето, како и годините претходно.

„Од прикажаната пресметка за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1.5 – 3.5 проценти за грејната сезона. Согласно направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање во зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија“, информираат од Владата.

Прочитајте и:  Директорот на СОЗР Томовски ги зголеми за 50 отсто цените на угостителските услуги во владините објекти

Како што посочуваат од владината прес служба, а повикувајќи се на информациите од Министерството за економија, проценката е направена во соработка со Министерство за финансии, Министерство за внатрешни работи, Министерство за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за електронски комуникации, Бирото за метрологија, Стопанската комора на Северна Македонија, Управата за хидрометеоролошки работи, Стопанската комора на северозападна Македонија, како и Економскиот факултет во Скопје.

- Реклама -