Закана за поставена бомба ги врати автобусите на ЈСП во гаража, приведен вработен во претпријатието кој ја пратил заканата

Закана за бомба во автобус на ЈСП, која требало да експлодира за време на протестите, утрово предизвика прекин во функционирањето на јавниот градски превоз. Сообраќаа само приватните автобуси, додека возилата на ЈСП, по налог на МВР, беа повлечени од сообраќај и вратени во гаража.

Како што информираа од МВР, полициски екипи за антитероризам се во дирекцијата на ЈСП „Скопје“, а по соодветна безбедносна проверка, автобусите постепено се вклучуваат во сообраќај.

Вработени во ЈСП „Скопје“ за МИА утрово потврдија дека е забранет влезот во кругот на претпријатието во населбата Автокоманада и дека во дирекција има зајакнати контроли. Автобусите, изјавија тие, се повлечени од сообраќај поради анонимно известување за рачна бомба испратена синоќа по е-маил на претпријатието.

Заканувачот е приведен. Како што информираа од МВР, по претходна пријава околу 5 часот утрово, полициски службеници го привеле Ј.И., вработен во ЈСП „Скопје“.

Прочитајте и:  ЈО: Дадени се насоки на Управата за финансиска полиција да се испитаат постапките за јавни набавки за горивото за ЈСП

Како што е наведено во соопштението, приведениот, од неговиот личен меил, на службениот меил на ЈСП „Скопје“ и на мејловите на сите директори, службите за финансии, правни и други служби во претпријатието, испратил закана дека поради нередовното земање плата планирал да постави бомба во автобус на ЈСП која би експлодирала денеска за време на протестите.

Од ЈСП „Скопје“ потврдија дека лицето вработено во нивното претпријатие, кое ја испратило заканата е приведено од страна на МВР.

„ЈСП нема да дозволи било какви уцени, закани, притисоци и обиди за саботажи да го нарушат работниот процес на претпријатието и ќе продолжи да работи во на интерес на граѓаните. Безбедноста и сигурноста на вработените во ЈСП и скопјани секогаш е приоритет на претпријатието“, се вели во соопштението.

- Реклама -