Тирана, 16 август 2022 (МИА) – Во центарот на Тирана ќе се гради облакодер моделиран според ликот на албанскиот национален херој Ѓерѓ Кастриот-Скендербег, што е дизајниран од холандското архитектонско студио „МВРДВ“.
Зградата ќе биде висока 85 метри и ќе се гради на плоштадот „Скендербег“, каде се наоѓа и неговата статуа што на архитектите им послужила како инспирација за зградата. Ќе има станбен, деловен и комерцијален дел, а нејзиниот изглед на човечка глава е постигнат со заоблени тераси, кои имаат различна форма на секој кат за да се истакнат нос, уши и брада, пренесуваат медиумите.
Според нив дигиталните симулации на проектот прикажуваат аморфна бела зграда, со тераси кои кружат околу нејзината оска и формираат нешто што асоцира на цртите на лицето на Скендербег, моделирајќи го неговиот профил во бетон и стакло.
„Ова ќе биде една од највисоките згради на светот кои служат како скулптура на некоја личност. Зградата ги нагласува историјата, карактерот и сегашноста на Албанија, додека ги почнува преговорите за членство во ЕУ“, рекол Вини Мас основачот на „МВРДВ“.
Текст за ова здание посветува и „Гардијан“, во кој наведува дека за познатото студио не е првпат да проектираат, како што самите ги нарекуваат, „фигуративни скулптурални облици“.
Како што пренесуваат медиумите, според критичар на Гардијан, кој во деталниот текст се осврнува не само на естетските туку и на потенцијално коруптивните аспекти на целата приказна, oва делува како да ќе биде уште едно нивно промашување, по „катастрофалниот“ Марбл Арч рид во Лондон, поради кој паднал конзервативниот совет на локалната општина.
„Нивни претходни дела се и музеј во форма на огромни стриповски ‘облачиња’, магацин за уметнички дела во облик на чинија за салата од Икеа и комплекс апартмани во форма на зборот HOME (дом). Сепак, изгледа дека тие ги чувале своите најбезначајни метафори за Балканот, веројатно претпоставувајќи дека помал број нивни клиенти и критичари некогаш ќе ја видат оваа зграда во живо“, заклучува Гардијан.
Со својот специфичен „орловски“ нос и големата брада, албанскиот национален херој, Скендербег, често е присутен на улиците и плоштадите на Албанија.
„Локалните жители се шегуваат дека со оглед на тоа што Рама е исто така многу висок и крупен, има и брада и сè повеќе добива скендербеговски изглед, на крај зградата во облик на глава можеби повеќе ќе личи на него“, констатираат медиумите.