НЛБ Галерија: Oтворена изложба во чест на словенечкиот архитект Душан Грабријан по повод 30-годишнината од меѓудржавните односи на Р Словенија и РС Македонија

Синоќа во просториите на НЛБ Галерија со пригодна изложба, која го следи творештвото на еден од најпознатите словенечки архитекти Душан Грабријан, беше одбележана 70-годишнината од неговата смрт. Поводот за отворањето на оваа изложба е 30-годишнината од меѓудржавните односи на Р. Словенија и Р. Северна Македонија. На настанот присуствуваа голем број истакнати претставници на архитектонската фела, претставници од државните, културните и други институции во Република Северна Македонија.

Изложбата се обидува да даде јасен пресек на творештвото на Грабријан преку негови дела и истражувања преведени во серија публикации, како една континуирана мисла со посебен акцент на архитектонското наследство кој тој го остава во Македонија. Посетителите имаа можност да го погледнат и документарниот филм на ТВ Словенија и МТВ насловен „Грабријан и македонската куќа“ од 1996 година. Грабријан е архитект кој зад себе остави богат новинарско-книжевен опус, а воедно ги постави и основите за продлабочен пристап во истражувањето и вреднувањето на македонското архитектонско наследство. Изложбата успешно го оживува споменот на овој великан и оддава почит на 70-годишнината од неговата смрт.

На отворањето се обратија Миха Вилар, конзул во амбасадата на Р. Словенија, Бранко Грегановиќ, претседател на УО на НЛБ Банка Скопје, Мирјана Лозановска, од интернационалното архитектонското студио KONNTRA, професор Минас Бакалчев, професор Виолета Бакалчева и режисерот Томислав Алексов.

„Придонесот на словенечкиот архитект Душан Грабријан за македонското архитектонско наследство е познат главно во професионалните кругови, а малку и во пошироката јавност. Затоа, со оваа изложба, Амбасадата на Република Словенија, во соработка со словенечко-македонската група архитекти KONNTRA и НЛБ Банка Скопје, сака да ја истакне оваа интересна личност и неговото дело, во чест на 30-годишнината од воспоставувањето на нашите дипломатски односи“, изјави г. Миха Вилар конзул во амбасадата на Р. Словенија во РСМ.

„Ни причинува голема чест да бидеме домаќини на една ваква изложба која има за цел да ја обележи 30-годишнината од дипломатските односи, пријателството и соработката меѓу Р. Словенија и РС Македонија. Творештвото на Грабријан, има симболична вредност, бидејќи ги обединува двете земји. Искрено верувам дека ќе го предизвикаме интересот на пошироката јавност одблизу да се запознае со неговата работа која долги години е основа на наставата по архитектура на факултетите во Северна Македонија“, изјави г. Бранко Грегановиќ, претседател на УО на НЛБ Банка Скопје.

„Изложбата го претставува првиот чекор кон повторното вреднување и оживување на творештвото на Грабријан, особено ни е драго бидејќи појдовна точка е токму македонската куќа. Архитектот Душан Грабријан и споменот за него нè потсетува дека оваа врска меѓу двата народа е многу посилна и подлабока, а е присутна и денес кај помладите генерации. И секако би сакала да напоменам дека нашата KONNTRA е само еден пример за успешна соработка на словенечки и македонски архитекти.“, изјави Мирјана Лозановска, од интернационалното архитектонското студио KONNTRA.

Имајќи ја предвид величината на овој словенечки архитект и важноста на неговата работа во Северна Македонија, одбележувањето на 70-годишнината од неговата смрт е со цел да ја истакне поврзаноста и соработката меѓу институциите и поединците од Р. Словенија и РС Македонија и да се одбележи 30-годишнината од дипломатските односи, меѓусебната економска и културна соработка на овие две земји.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 22 јули, 2022 година, а е реализирана во соработка со Амбасадата на Р.Словенија во Скопје, интернационалното архитектонско студио KONNTRA и НЛБ Банка Скопје.

***

Душан Грабријан (1899–1952) е словенечки архитект и професор кој бил еден од првите дипломирани студенти на Јоже Плечник во 1924 година. За време на престојот во Северна Македонија, тој ги поставил темелите на истражувањата поврзани со традиционалната македонска архитектура. Тој е првиот што сеопфатно ја проучувал традиционалната македонска архитектура и неговите студии се објавени во книгата „Македонска куќа или прошетка од старата ориентална до современата европска куќа“, која е објавена на словенечки, македонски и англиски јазик. Неговата работа долги години е основа на наставата по архитектура на факултетите во Северна Македонија. Така, сите студенти по архитектура се запознаваат со словенечкиот архитект и неговото дело, а тој е познат на огромното мнозинство македонски архитекти.

- Реклама -