Напливот на мајмунски сипаници веројатно потекнува од две рејв забави во Шпанија и Белгија, ризикот од ширење кај општата популација е „многу низок“

Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), здравствена агенција на ЕУ, денеска соопшти дека  ризикот од ширење на ретката болест мајмунски сипаници меѓу општата популација е „многу низок“, но висок за одредени групи.

„Повеќето од сегашните случаи се манифестираа со благи симптоми на болеста, а за пошироката популација, веројатноста за ширење е многу мала“, нагласи директорката на ECDC – Андреа Амон. „Висока“ веројатно за понатамошно ширење има само преку близок контакт меѓу лица со повеќе сексуални партнери, додаде таа.

Нешто слично говорат и информациите од Светската здравствена организација. Според високиот советник и предводник на одделот за итни случаи на СЗО – д-р Дејвид Хејман, невиденото ширење на мајмунски сипаници во развиените земји веројатно е „случаен настан“ како резултат на ризичното сексуално однесување на две рејв забави со масовно присуство што се одржале во Шпанија и Белгија. Како што истакна Хејман, водечката теорија што го објаснува ширењето на вирусот во последните недели е сексуалниот пренос меѓу хомосексуалците и бисексуалците што се случувал на овие две забави.

Прочитајте и:  СЗО: Можно прогласување на меѓународна вонредна состојба поради мпокс

„Знаеме дека мајмунските сипаници можат да се шират кога има близок контакт со лезиите на некој што е заразен. Се чини дека сексуалниот контакт веќе го одредува тоа пренесување“, изјави Хејман.

Тој факт значително отстапува од типичниот модел на ширење на болеста во Централна и Западна Африка, каде луѓето се инфицирани главно од животни како диви глодари и примати, а епидемиите не се шират надвор од опсегот.

До денеска, СЗО има регистрирано повеќе од 90 случаи на мајмунски сипаници во неколку земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Шпанија, Израел, Франција, Швајцарија, САД и Австралија. Веќе има 30 потврдени случаи во главниот град на Шпанија, Мадрид. Последни во низата кои потврдија случаи на мајмунски сипаници се Данска и Шкотска. Во Данска, како што соопшти тамошното министерство за здравство, инфекција е регистрирана кај возрасен маж кој се вратил од патување во Шпанија.

Извор: МИА

- Реклама -