СПЦ потврди: Стефан и Порфириј задутре во Белград ќе одржат литургија за помирување

Српската православна црква (СПЦ) на својот официјален сајт најави дека во четврток, на 19 мај, во Соборниот храм Св. Сава во Белград, патријархот на СПЦ – г.г. Порфириј, и Архиепископот Охридски и Македонски – г.г. Стефан, ќе служат архиерејска литургија за воспоставување на „литургијско и канонско општење на двете сетрински цркви“, јави дописникот на МИА од Белград.

„Со благодарност кон Господа и со радост ја известуваме сета полнота на Светата Црква дека Неговата Светост Српскиот патријарх г. Порфириј и Неговото Блаженство Архиепископот охридски и македонски г.Стефан, заедно со сослужување на сите архиереи на СПЦ и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во четврток, на 19 мај 2022 година, ќе служат света архиерејска Литургија во соборниот храм Свети Сава во Белград, со која ќе се воспостави литургиска и канонско општење на двете сестрински цркви, во рамки на одлуката на Светиот архиерејски синод на Српската православна црква“, пишува во соопштението на сајтот на СПЦ, над кое стои цитат од Псалм 133 – „Како е убаво и прекрасно кога сите браќа живеат заедно“.

Како што претходно јавија српски медиуми врз основа на извори од српската Патријаршија, литургијата треба да почне во 9 часот, а ќе сослужуваат сите архиереи на двете цркви. Патријархот Порфириј, беше посочено во написите, го повикал верниот народ во што е можно поголем број да присуствува на архиерејската литургија.

Извори за МПЦ-ОА за МИА не можеле да потврдат дали на 19 мај ќе се одржи заедничката литругија, но напоменале дека Светиот синод деновиве ќе заседава и ќе се произнесе за вчерашната одлуката на СПЦ и за сите останати прашања.

Извори од МПЦ-ОА вчера за МИА, пак, изјавија дека МПЦ-ОА не добила покана и не планира одржување заедничка света архијерејска литургија меѓу великодостојниците на нашата и на Српската православна црква на крајот на годишниот Собор на СПЦ, што започна завчера во Сремски Карловци, а чиј работен дел во наредниве денови продолжува во Белград.

Извор: МИА

- Реклама -