Тешко е да се работи во овој период бидејќи цените динамично се менуваат, бидејќи тешко може да формирате цена на краен производи. Сега дури има и нови модалитети на продавање каде што нема цена, таа ќе ви ја кажат кога производот ќе биде готов, но според проф. д-р Кочо Анѓушев кој што во четвртокот гостуваше во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, последиците од оваа криза посилно ќе ги почувствуваат компаниите кои се странски инвестиции во земјава, отколку домашните бизниси кои во вакви услови демонстрираат поголема издржливост и прилагодливост кон дадените услови.
„Ние, сакајќи или не, македонската економија ја поделивме на домашни и странски инвеститори. Во домашните компании мислам дека помал ќе биде тој удар бидејќи сите тие се пожилави на некој начин и гледаат да пенетрираат на странските пазари. Од она што можам да го видам во другите домашни компании, но и во ‘Брако’, се справуваме со ситуацијата која што секако не е сјајна… како минатата година кога ‘Брако’ имаше раст од 51 отсто во однос на претходната година… но ја менаџираме ситуацијата. Мислам дека поголем удар ќе има кај странските инвеститори бидејќи тие се во ланецот на снабдување на автомобилската индустрија. Таму како што гледаме нарачките се намалени, некои компании престанаа да продаваат на рускиот пазар итн. Мислам дека тука ќе се почувствува некаков импакт. Секако е рано да се кажат конкретни бројки, но мислам дека ќе има негативен импакт во делот на обемот на производство. Но, секако е и можност. Не треба да се радуваме на нечија несреќа, но сега она што се произведуваше во Украина ќе се пресели во некој друг крај на светот барем за тој краток период и тука треба да се гледа можност. Голем број западноевропски компании имаа фабрики во Украина и тие сега бараат нови локации и тука треба да се бара еден проактивен однос“, истакна Анѓушев во емисијата.
Тој смета дека надлежните во овие моменти треба да се обратат кон странските инвеститори кои што имаат капацитети и во Украина и да им понудат услови за релокација на своите погони во Македонија.
„Ние имавме еден случај, австриска компанија која што дел од своите производи ги произведуваше во Украина, а ‘Брако’ за нив произведуваше земјоделски механизација … Тие имаат поголем производствен капацитет во Украина, но сега тие се јавија кај нас со зголемени нарачки. Некогаш има можности кои што треба да се искористат и тука треба да се биде проактивен, да се следи состојбата, да се прави проценка кои се можностите, да се направи анализа, да се разговара … да се патува, откако паднаа мерките практично секоја втора недела јас сум надвор од Македонија бидејќи за да продадете од Македонија мора да бидете присутен низ светот“, рече Анѓушев во „Само интервју“.