„Реплек АД“ отвори нов погон – инвестиција вредна три милиони евра во зголемување на производството и модернизација

Скопје, 13.04.2022 – „Реплек АД“ го зајакнува производството и своите позиции на пазарот. Денес свечено беше отворен новиот погон во компанијата, во чија изградба се вложени околу три милиони евра. Новиот погон кој се протега на површина од 600 м2 ќе овозможи двојно зголемување на капацитетот за производство на полуцврсти дозажни форми. Покрај тоа, за 30 отсто ќе се зголеми и капацитетот за производство на течни дозажни форми. Новата софистицирана опрема ќе овозможи и воведување на нови современи форми на пакување.

Инвестицијата во новиот погон дополнително ќе ги зајакне позициите на компанијата на домашниот, но пред сѐ на странските пазари и ќе го забрза процесот на реализација на новата извозна стратегија на  „Реплек АД“ која е базирана на диверзификација и проширување на портфолиото на компанијата.

На отворањето на погонот претседателот на Управниот одбор на компанијата Душан Пецовски истакна:

„Наша цел е да создадеме нови можности за развој и освојување на нови пазари. На тоа сме максимално посветени и храбро работиме во насока на реализација на овие можности и во услови на неизвесност на пазарите, која владее како резултат на кризата. Нашата извозна стратегија, заедно со проширувањето на портфолиото на производи, веќе дава резултати. Новиот производствен погон ќе ни овозможи да го продолжиме, но и засилиме овој стратешки пристап кој е дел од нашиот бизнис план. Нашата визија е да создадеме компанија која ќе биде уште подобро позиционирана на сите важни пазари. Новиот погон ќе придонесе кон таа цел, бидејќи ќе ја зајакне нашата конкурентност. Тоа е одлична вест и за вработените, партнерите и акционерите, бидејќи нашата визија е потврда за долгорочни планови за успех и просперитет“.

Во првиот квартал од 2022 „Реплек АД“ оствари раст на приходите од продажба од 5,7 отсто во споредба со истиот период минатата година. Остварените резултати се убедливо најголемиот раст на приходите од продажба на компанијата во прв квартал од почетокот на нејзиното постоење. До крајот на годината планиран е раст на приходите од 20 отсто.

На отворањето на новиот погон во компанијата присуствуваше и министерот за здравство д-р Беким Сали. Во своето обраќање тој зборуваше за значењето на соработката во насока на подобрување на услугите во здравствениот сектор. Меѓу другото, д-р Сали истакна: „Владата и Министерството за здравство секојдневно се обидуваат да создадат поволни услови за подобрување на здравствената заштита, креирајќи политики кои ќе го поттикнат квалитетот на сите нивоа. Во таа насока, во постојана комуникација сме со сите наши партнери и инволвирани страни, бидејќи само преку интензивна соработка можеме да ја постигнеме нашата цел – поквалитетна здравствена заштита за сите граѓани. Кризата ни покажа дека соработката и грижата за заедницата во целина е клучна, но и дека е многу важно да се потпреме на сопствените капацитети за да го заштитиме нашето здравје, здравјето на нашите граѓани. Тргнувајќи од тоа, оваа инвестиција е дополнителен придонес токму кон зајакнување на капацитети на нашата држава, во лекови, но и во квалификувани човечки ресурси“.

„Реплек АД“ ја зајакнува и интензивира својата соработка со сите релевантни страни. Покрај инвестиции во модернизација на производството и освојување на нови пазари, компанијата соработува со Фармацевтскиот факултет и другите високообразовни институции, во насока на подобрување на едукацијата на стручните кадри и унапредување на научно истражувачката дејност.

„Соработката помеѓу реалниот сектор и образовните институции е од исклучително значење во процесот на создавање на квалификувани кадри, особено денес во услови на брз технолошки развој и иновации. За нашите студенти можноста да бидат дел од реалниот процес на создавање на фармацевтски производи во текот на образованиот процес е од исклучително значење. Новиот погон е дополнителен придонес во тој процес“, истакна Зоран Стерјев, декан на Фармацевтскиот факултет во Скопје.

„Реплек АД“ во својата структура, покрај домашниот, има и австриски капитал, што е дополнителна потврда за развојниот потенцијал на компанијата и високите стандарди при работењето.

На свеченото отворање присуствуваше и амбасадорот на Република Австрија д-р Георг Вуцас.

„Економската соработка преку помеѓу двете земји е од големо значење, бидејќи тоа отвора и дополнителна можност за соработка во други сектори. „Реплек АД“ е една од компаниите во земјава во која е вложен австриски капитал, а развојниот план на компанијата и нејзините вложувања се поттик за привлекување на нови инвестиции и зајакнување на соработката“, истакна д-р Вуцас.

Како извозна компанија „Реплек АД“ е фокусирана на дополнително освојување и пробив на пазарите во Европската Унија. Компанијата е веќе присутна на пазарите на некои од земјите од Унијата, а се работи и на освојување на нови пазари во ЕУ, но и во Африка и Азија. Компанијата активно работи на проширување на соработката со земјите членки на Асоцијацијата на југоисточните азиски нации (АСЕАН), а паралелно и на подобро позиционирање на домашниот и регионалните пазари.

Скоро 75 отсто од производството на  „Реплек АД“ се пласира на странските пазари, а 25 отсто отпаѓа на домашниот пазар. Производите на компанијата се присутни на повеќе од 25 пазари во целиот свет. Меѓу нив, покрај оние на земјите од ЕУ, најголеми се пазарите на Русија, Азербејџан, Казахстан, Молдавија, Грузија, Виетнам и други.

„Реплек АД“ вработува околу 500 лица, а компанијата е основач и на „Реплек Фарм“, која од 2011 година го поседува ГМП-сертификатот на ЕУ за добри производни практики во фармацевтската индустрија. Овој сертификат гарантира квалитет и е потврда дека лековите на компанијата се целосно усогласени со највисоките светски стандарди во оваа индустрија.

* Комерцијален текст

- Реклама -