Скопје, 12.04.2022 – Денеска во Скопје, на иницијатива на Амбасадата на Република Словенија во РС Македонија и НЛБ Банка се организираше средба помеѓу претставници на словенечкото Здружение на параплегичари, Параолимпискиот комитет на РС Македонија и регионалната кошаркарска лига во инвалидска количка „NLB Wheel”.
Средбата ја отворија Амбасадорот на Република Словенија, Милан Предан и Претседателот на УО на НЛБ Банка Скопје, Бранко Грегановиќ кои ја поздравија иницијативата за членство на Параолимпискиот комитет на РС Македонија во регионалната кошаркарска лига „NLB Wheel“ и изразија подготвеност за логистичка и материјална поддршка за реализација на проектот.
„Оваа иницијатива е исклучително значајна за луѓето со инвалидитет, како начин да излезат, од можеби понекогаш и т.н самоизолација. Ние како Амбасада сме навистина горди што помогнавме да се реализира денешната средба и што успеавме да ги собереме оние кои можат да дадат поддршка оваа идеја да стане реалност. Имавме исклучително конструктивен состанок и верувам дека сите кои го имаат ова физичко ограничување, ќе сакаат, а од сега и ќе можат да се занимаваат со кошарката.“ – изјави Амбасадорот на Република Словенија во РС Македонија, Милан Предан.
„Целта на денешниот состанок е да се поддржи кошарката за параплегичари во РС Македонија. Сметам дека ова е една убава иницијатива и навистина сме горди што можеме да бидеме дел од неа. Денес имавме прв состанок за организација на екипа од РС Македонија која понатаму треба да учествува во регионаланата NLB Wheel лига, веќе во сезоната 2023-2024, што всушност претставува и наша цел. НЛБ Групацијата 14 години гордо ја поддржува НЛБ меѓународната кошаркарска лига во инвалидска количка, помагајќи им на кошаркарите да го достигнат својот потенцијал, а тие пак преку тимскиот дух и посветеноста кон резултати покажуваат дека единството е сила. Навистина сум среќен што NLB Wheel ги поврзува организациите во нашиот матичен регион бидејќи овој регион е наш дом и нaм ни е многу важен.“ – истакна Претедателот на УО на НЛБ Банка, Бранко Грегановиќ.
Грегор Грачер, Раководител на регионалната NLB Wheel лига истакна: „Сојузот на параплегичари на Словенија е денес овде со нас како организатор на NLB Wheel да и помогне на РС Македонија да се приклучи кон лигата. Тука сме на покана на Параолимпискиот комитет на РС Македонија која ние со задоволство ја прифативме. Ова е всушност почнување од нула, треба да се набават колички за кошаркарите како основа за да се формира екипа, што очекуваме да се реализира до крајот на оваа година. Благодарност до НЛБ Банка, Триглав Осигурување, Агенцијата за млади и спорт, Амбасадата на Словенија и сите останати кои денеска најавија поддршка на овој проект.“
„Отсекогаш кај нашето членство постоела желба за учество во некој екипен спорт, да се обидат и на тоа поле, да покажат некаков интерес и некаков успех. Секако дека разликата помеѓу поединечниот и екипниот спорт е голема. Екипниот спорт дава повеќе колегијалност, дружба, поголема можност за социјализација, а преку тоа и социјална инклузија во општеството, и тоа е еден добар чекор кој еве денеска заедно со нашите колеги од Сојузот на параплегичари на Словенија се обидуваме да го анимираме во нашата држава“ – истакна Претседателот на Параолимпискиот комитет на РС Македонија, Бранимир Јовановски.
Осврнувајќи се на општествената одговорност на компаниите, Главниот извршен директор на Триглав Осигурување, Ѓорѓе Војновиќ најави финансиска помош за проектот и истакна дека сосема е природно компаниите да вратат кон општеството во кое делуваат, особено кон оние групи кои можеби се маргинализирани и потенцираше дека Триглав Осигурување како компанија е повеќе насочена кон спортот и луѓето со посебни потреби.
На настанот присуствуваа и претставници од Амбасада на Германија во РС Македонија, Кошаркарскиот Сојуз на Македонија, како и претставник од Агенцијата за млади и спорт на Република Северна Македонија кои, секој во својот домен, најавија помош и поддршка за што поскора реализација на проектот и официјално членство на Параолимпискиот комитет на РС Македонија во регионалната кошаркарска лига „NLB Wheel“.
* Kомерцијален текст