„Нема да даваме изјави. Ќе добиете заедничко соопштение од двете министерства за надворешни работи“, изјави по завршувањето на средбата на заедничката комисија за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија, претседателот на бугарскиот тим – Ангел Димитров, додавајќи дека историчарите од секоја од двете страни подоцна ќе дадат изјава само пред своите медиуми.
На прашање на новинарите дали е задоволен од средбата, видно расположениот Димитров избегна да одговори:
„Човек секогаш има со што да е задоволен. Еве, времето се разубави“, рече тој.
На дополнително прашање во што е постигнат напредок, Димитров повтори дека нема да даваат изјави.
Како што објавивме претходно, бугарските историчари за МИА откриле дека темата за Цар Самоил е завршена работа и дека е постигнат договор. За денешната средба беше најавено дека можеби ќе се разговара за Гоце Делчев, ако за тоа има време.