Во јавноста циркулираат голем број информации, голем дел од нив и невистини, во врска со можниот изглед на планираниот комплекс предвиден да се гради на локацијата на Треска. Всушност, согласно информациите од Општина Центар, конкретниот урбанистички план за опфатот на поранешната фабрика Треска е донесен во 2012 година и предвидува изградба на згради со височина од најмногу приземје со 5 ката и поткровје, а во дел и приземје со 4 ката и поткровје, во класична блоковска распореденост.
Според актуелниот ДУП, но и според групата сопственици на приватни имоти кај Треска, максималната висина која ќе ја достигне комплексот нема да надмине вкупно 16 метри, што е спротивно на шпекулациите во јавноста дека просторот таму ќе се бетонира и ќе има облакодери.
Во јавноста пак, во рамки на конкурсот спроведен од претходната локална самоуправа на Центар, беа презентирани идејни решенија коишто се надвор од урбанистичките регулативи и параметрите кои ги дозволува важечкиот ДУП. Истиве овие решенија веќе беа објавени во јавноста на веб-страницата на Општина Центар, а и сè уште се достапни на линкот: https://marh.mk/izvestaj/
Таму се наведува дека прворангираниот концепт од идејните решенија е оформен од пет полуотворени станбени блокови со комбинирана катност од приземје + 4 ката, но и до приземје + 8 ката, што е 3 ката над дозволената висина согласно актуелниот ДУП. Второрангираното предвидува станбени блокови со приземје + 6 ката и станбени кули со 17 ката, додека треторангираното конкурсно решение предвидува вертикален елемент кула од 71 метар со намена хотел. Урбанистички можеби висината не е единствениот параметар кој се гледа, но сепак понудените конкурсните решенија излегуваат од важечката регулатива, наспроти планот на сопствениците на градежните парцели, кои ветуваат ниска градба, со многу зеленило и јавни површини.
Она што е реалната слика, согласно најавите од сопствениците на парцелите на поранешната фабрика Треска, е дека е предвидена изградба на комплекс од вкупно 6 блока, при што најмалиот е со вкупна површина од околу 3900 м2, додека најголемиот 8920 м2, и кај сите 6 блокови се предвидува голема површина на зеленило како партерно уредување.
Всушност, она што е важно да се потенцира е дека актуелниот ДУП од 2012 година, на оваа површина предвидува само 5% зеленило, меѓутоа инвеститорите предвидуваат и повеќе од законскиот минимум од 20%, или вкупно 8200 м2 зелена површина како партерно уредување во рамки на блоковите, а дополнително предвидена е и изградба на јавен парк со вкупна површина од 9474 м2. Согласно ова, вкупното зеленило предвидено за овој простор достигнува близу 18.000 м2, што е значително над минимумот кој го наложува новиот Закон за урбано зеленило.
Каков ќе биде исходот и што точно ќе биде изградено на оваа локација се надеваме дека јавноста ќе дознае наскоро. Но она што е важно дека оваа локација која сега е мини депонија во сред центар, мора да се реши и урбанизира. Впрочем урбанизација и конечно решение за „Треска“ бараат и жителите од околните згради затоа што она што е останато од некогашната фабрика за мебел е потенцијален извор на инфекции.