Од полноќ дизелот поскапува за 8.5, а бензините за 3.5 денари за литар, РКЕ ја намали трговската маржа за 33 отсто

Скопје, 9 март 2022 (МИА) Цената на дизел горивото од ноќеска на полноќ се зголемува за 8.5 денари за литар, а бензините поскапуваат за 3.5 денари, одлучи доцна вечерва Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со оваа одлука се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 6.88 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 93 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 95, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 94 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 6.50 денари за литар се зголемува малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и ќе изнесува 90 денари. Мазутот М-1 НС, пак, поскапува за 4.846 денари за килограм и ќе се продава за 59.165 денари.

Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемените референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар кај бензинот во просек за 8.971 отсто и кај дизелот за 16.811 отсто, како и за околу 1.078 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.

Прочитајте и:  РКЕ: Издадени 254 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори

„Донесовме одлука со која ја намаливме трговската маржа за 33 отсто на сите трговци со нафтени деривати. Ова е единствен механизам кој на РКЕ ѝ стои на располагање. И сега го активираме затоа што ова се вонредни услови и мора сите да покажат солидарност. На овој начин, во крајната цена влијаеме делумно да се амортизира огромниот пораст. Дополнително олеснување врз притисокот на крајната цена ќе бидат и најавените измени во делот на ДДВ и акциза, кои апелираме побрзо да се донесат“, изјави претседателот на РКЕ – Марко Бислимоски.

- Реклама -