За првпат мнозинството Швеѓани поддржуваат членство во НАТО

Стокхолм, 4 март 2022 (МИА) – Резултатите од најновата анкета на шведскиот весник Афтонбладет покажуваат дека 51 отсто од Швеѓаните се за влез во НАТО, додека нивниот процент во јануари бил 42. Против се изјасниле 27 отсто, што е за десет проценти помалку од јануари.

Анкетата е реализирана по руската инвазија врз Украина. Шведска не војувала од 1814 година и својата надворешна политика ја заснова на „неучество во воени сојузи“. Земјата беше неутрална во Втората светска војна и за време на Студената војна.

Ова е првпат поголемиот број Швеѓани да се изјаснат за членство во Северноатлантската алијанса. Но, шведскиот министер за одбрана Петер Хултквист истакна дека пристапувањето во НАТО не е лесна одлука и не треба да се избрзува со оглед на неодамнешните настани.

Прочитајте и:  НАТО: Нема индиции за некаков намерен напад на територија на Алијансата

„Промената на одбранбената доктрина е многу голема одлука, таа не се носи преку ноќ и не само поради анкетите“, изјави Хултквист во Копенхаген, каде што имаше средба со данскиот и британскиот колега.

Шведска и Финска, иако не се членки на Алијансата, тесно соработуваат со НАТО и нивни претставници беа поканети на неодамнешните самити. Претходно, Русија ја предупреди Шведска да не се зачленува во Алијансата.

Шведска одлучи и да испрати оружје во Украина. Првпат од 1939 година Стокхолм испраќа оружје на земја што е во војна.

- Реклама -