Вучиќ: Не знам колку е опасно Косово да стане членка на НАТО, но ситуацијата не е „нималку наивна“

Белград. 28 февруари 2022 (МИА) – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека во овој момент не може да процени колкава е „реалната опасност“ Косово да стане членка на НАТО, што беше пласирано од Приштина како барање, но дека ситуацијата не е „нималку наивна“ и дека за таа идеја слушнал и пред околу половина година од српските безбедносни служби, јави дописникот на МИА од Белград.

„Без разлика дали уште некој ќе го признае Косово како независно, ние остануваме посветени на меѓународното јавно право и се грижиме за нашиот територијален интегритет“, изјави денеска Вучиќ, кој присуствуваше на почетокот на работата на новата фабрика „Вакер Нојсон“ во Крагуевац.

Во врска со барањето на Приштина Косово да биде примено во НАТО, тој изјави дека тоа е идеја на албанските лобисти и некои политичари од ЕУ и Америка, за да ги принудат земјите од ЕУ, членки на Алијансата кои не го признаа Косово, да го направат тоа.

Прочитајте и:  НАТО: Нема индиции за некаков намерен напад на територија на Алијансата

Вучиќ изјави дека Србија има свој став по прашањето за украинската криза и ќе го чува сѐ додека може.

Во однос на наводите на шведскиот дипломат Карл Билд дека ставот на Србија за руската инвазија на Украина ја „дисквалификува од процесот за влез во Европската унија“, тој кажа дека во разговорите со сите европски и светски претставници „на себе ги прифатил сите критики, забелешки и притисоци“.

- Реклама -