Никозија, 9 јануари 2022 (МИА) – Кај 25 позитивни случаи потврдени на Кипар, бил откриен нов сој Делтакрон, комбинација од Омикрон и Делта, објавија кипарските медиуми, нешто за што министерот за здравство на земјата вели дека не предизвикува загриженост, јави дописничката на МИА од Атина.
Новиот сој, според медиумите, го открил тимот на професорот на Катедрата за биолошки науки на Универзитетот во Кипар, Леондиос Кострикис, а професорот објаснил дека Делтакрон бил потврден кај 25 заразени, од кои 11 се хоспитализирани.
Министерот за здравство на Кипар Михалис Хаѕипанделас рекол дека во овој момент, Делтакрон не е нешто што предизвикува загриженост.
Од друга страна, грчкиот професор Гикас Мајоркинис, кој е член на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, преку социјалните мрежи напиша дека во однос на „Делтакрон (мешање Делта и Омикрон) на Кипар, првите независни анализи покажуваат дека станува збор за техничка грешка на лабораторијата во процесот на читање на геномот“.