Скопје, 11 декември 2021 (МИА) – Зголемување на минималната плата по Нова Година најавуваат од Владата. Синдикатите сметаат дека ова зголемување на минималната плата е неопходно, но и дека потоа треба да следи спирално зголемување и на останатите плати. Нивниот став е дека минималната плата треба да изнесува најмалку 60 проценти од просечната плата. Работодавачите пак се на став дека секое, како што нагласуваат, вештачко неусогласено зголемување, како најавеното, само ќе ја наруши рамнотежата во стопанството и економијата. Поделени се во оценките колку бизнисот може да го одржи зголемувањето на минималната плата.
Последен, неделава што измина таква можност за зголемување на платата најави министерот за економија Крешник Бектеши.
– Минималната плата ќе се зголеми на 18.000 денари, после Нова година. Платите не стојат. Во 2016 година просечната беше 22.000-23.000 денари, а сега е 28.820 денари и ќе се зголемува во континуитет. Зголемување на платите имаме и во образованието, здравството, приватниот сектор. Само мининалната плата е зголемена за 100 проценти за четири години, колку што не е направено со години наназад, изјави министерот Крешник Бектеши.
ССМ има барање минималната плата да изнесува 60 проценти од просечната плата, а со тоа и спирално зголемување на сите останати плати согласно колективните договори. Ова е и едно од барањата кои ќе бидат изнесени на утрешниот протест на Синдикатот.
Барањето за минималната плата и спиралното зголемување на останатите плати, ССМ го темели на најавите за пораст на цената на струјата од јануари и на зголемените цени на прехранбените производи.
– Поради економската криза предизвикана од пандемијата и најавената енергетска криза каде РКЕ кажува дека од 1 јануари ќе се зголеми цената на струјата за минимум 20 проценти, бараме минималната плата да изнесува 60 проценти од просечната плата или 18 илјади денари, а сите останати плати да растат скалесто согласно колективните договори, вели за МИА претседателот на ССМ Дарко Димовски.
Сојузот на синдикатите на Македонија, велат оттаму, оправдано во изминатиот период бара минималната плата да изнесува најмалку во висина од 60 отсто од просечната плата, поради тоа што ниту просечната плата нуту пак две минимални плати не се доволни да ја покријат синдикалната минимална кошница.
Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците на живот и цени, нагласуваат од ССМ, тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на Синдикалната минимална кошница.
– Ако само просечната плата расте, а минималната плата стагнира, односно минимално се усогласува без да бидат прифатени забелешките на синдикатите, ќе имаме тренд на осиромашување на граѓаните. Поради се поевидентното зголемувањето на цените, очигледно е дека ни треба плата за живот, со која ние како работници без да се грижиме за нашата егзистенција ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница со само една плата, велат од ССМ.
Ставот на работодавачите од Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) во поглед на најавеното зголемување на минималната плата е дека законската обврска за оваа година и усогласувањето на минималната плата согласно критериумите во Законот за минимална плата е исполнето. Согласно тоа, нагласуваат оттаму, не постои можност за какво било коригирање во делот на минималната плата за оваа година.
Од ОРМ сметаат дека износот на минималната плата се преговара и нејзиното покачувањето зависи токму од член 4 од Законот за минимална плата кој ги дефинира условите за дефинирање на минимална плата, а тоа се една третина од порастот на просечно исплатената плата во земјата, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.
– Согласно тоа, секое вештачко неусогласено зголемување, како најавеното, само ќе ја наруши рамнотежата во стопанството и економијата и штетата ќе биде на страната на работодавачите кои ќе бидат принудени да се ослободат од одреден број на вработени, вели за МИА Владанка Трајкоска, претседател на Организацијата на работодавачи.
Таа истакна дека по однос на најавата за пораст на минималната плата на 18 000 денари, ОРМ немале консултации ни со Владата, ни со синдикатите.
Во Бизнис конфедерацијата на Македонија се поделени во оценките за тоа колку бизнисот може да го одржи најавеното зголемување на платите.
– Ние сме поделени во оценката колку бизнисот може да го одржи зголемувањето на минималната плата бидејќи во различни структури на економијата некои од коорпоративно управуваните компании можат да го издржат подигнувањето на минималната плата, односно исплаќаат повеќе од минималната плата, меѓутоа сметам дека микро, малите, занаетчиите и самостојните вршители на дејност кои исто така ги опфаќа законот за работни односи и законот за минимална плата, ќе мораат да најдат начин како да пливаат во исполнување законските обврски поврзани со минималната плата, посочи претседателот на Бизнис конфедерацијата Миле Бошков.
Минималната плата ја воведе Владата на ВМРО-ДПМНЕ во јануари 2012, кога беше донесен Законот за минимална плата. Тогаш минималната плата изнесуваше 8.050 денари, освен за текстилната и кожарската индустрија, сектори во кои оваа сума беше достигната во 2015 година.
Последната законски утврдена минимална плата беше во 2019 година, кога беше утврдена на 14.500 денари. Во меѓувреме со усогласувањето со трошоците на живот таа се искачи на околу 15 илјади денари.
Висината на минималната плата во 2019 година беше усогласена по неколкумесечно преговарање преку социјален дијалог со сите социјални партнери, во договор и со синдикатите и работодавачите.