Меркел, Фон дер Лајен и Тедрос: На светот му е потребен нов договор за пандемии

EPA-EFE/MICHELE TANTUSSI / POOL

Женева, 29 ноември 2021 (МИА) – Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека на Светската здравствена организација ѝ треба сигурно финансирање со поголеми донации од земјите-членки. Таа го поддржа почетокот на преговорите за обврзувачки меѓународен договор за спречување на пандемии.

„Катастрофалното влијание на пандемијата Ковид-19 врз здравјето и економијата треба да ни биде лекција“, рече таа во видео пораката на почетокот на специјалната седница на СЗО.

„Вирусите не познаваат национални граници. Затоа, треба да ги утврдиме мерките што треба да се преземат за да се подобри превенцијата, раното откривање и одговорот на меѓународно обврзувачки начин“, посочи таа.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека глобалната заедница, додека се водат разговорите, се соочува со закана од нова, многу пренослива варијанта на Ковид-19, Омикрон.

Прочитајте и:  Фон дер Лајен спасила патник на лет за Брисел

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека има многу несигурности за тоа колку може да биде пренослива и тешка инфекција со силно мутиран Омикрон.

„Појавата на силно мутираната варијанта Омикрон укажува колку е опасна и неизвесна нашата ситуација“, рече Тедрос, мислејќи на правно обврзувачкиот договор што не е спомнат во нацрт-текстот со кој се бара консензус за патот напред. Според него, Омикрон покажува зошто на светот му е потребен нов договор за пандемии.

„Нашиот сегашен систем ги обесхрабрува земјите да ги предупредуваат другите за закани кои неизбежно ќе ги погодат“, рече Тедрос, додавајќи дека Јужна Африка и Боцвана, односно јужна Африка каде што е откриена новата варијанта, треба да се пофалат, а не да се „казнуваат“ за нивната работа.

- Реклама -