Софија, 26 ноември 2021 (МИИ) – Бугарскиот државјанин Сади Салех по грешка бил вклучен на листата на повредени патници од несреќата на автобусот на „Беса транс“, што се случи на автопатот „Струма“ во Бугарија во вторникот во раните утрински часови, објави најтиражниот бугарски весник „24 Часа“.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Салех се обратил до редакцијата на „24 Часа“, објаснувајќи дека нема никаква врска со несреќата на автопатот „Струма“. Салех изјавил дека е државјанин на Бугарија и дека во саботата бил примен на Одделот за трауматологија на Ургентната болница „Пирогов“ во Софија, поради скршеница на раката.
Бидејќи неговото име се најде на листата на повредените патници од несреќата на автобусот на „Беса транс“, излегува дека од клиниката по грешка го внеле на тој список, наведува „24 Часа“, додавајќи дека Салех веќе е отпуштен од болницата.