Тешка сообраќајна несреќа на македонски автобус во Бугарија, само седум преживеани

Страшна трагедија утрово ја потресе Македонија. 46 лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа во која се запали македонски автобус на автопатот „Струма“, меѓу кои и 12 малолетни деца.

Меѓу загинатите има 12 малолетници, меѓу кои и двајца близнаци. Во несреќата загинал и возачот. Преживеани се седум лица, кои се сместени во болницата „Пирогов“ во Софија.

„Во ‘Пирогов’ се сместени шест лица, сите со изгореници на лицето и горните дишни патишта. Двајца се со изгореници на дланките, другите имаат рани. Луѓето се во тешка траума, изгубија роднини, деца. Тие скокнале од прозорците на автобусот, па оттука и повредите“, првично изјави проф. Маја Аргирова – раководител на клиниката за изгореници во „Пирогов“.

Предмалку македонското МНР, откако доби официјална потврда од надлежните институции во Бугарија, го објави списокот на седумтемина преживеани патници. Меѓу нив петмина се македонски државјани, еден е државјанин на Србија, а еден државјанин на Белгија. Најмладата преживеана е 16-годишната Зулејха Јашаровска од Македонија.

Министерот за здравство, Венко Филипче, кој заедно со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи, утрово замина за Бугарија и ги посети повредените хоспитализирани во „Пирогов“, претходно потврди дека сите седум повредени се во стабилна здравствена состојба и никој не е животозагрозувачка состојба. Станува збор за полесни повреди, со исклучок кај еден пациент кој има скршеница поради што треба да се направат дополнителни анализи и да се утврди дали ќе биде потребен хируршки зафат, рече Филипче.

Како што пренесоа бугарските медиуми, автобусот синоќа нешто по 21 часот влегол преку граничниот премин „Капитан Андреево“, а несреќата се случила околу 3 часот, на 31 километар од автопатот во правец Софија – Благоевград. При несреќата избувнал пожар кој, според началникот на Противпожарната служба – Николај Николов, настанал како последица на несреќата.

„Делницата од автопатот на која се случи несреќата има многу проблеми, цело лето таму се поправаат дупки“, изјавила за БТВ експертката за патишта Дијана Русинова.

Автобуска несреќа во тој дел на Бугарија се случи и во 1996 година, загинаа 16 луѓе, но тогаш немаше автопат, пренесува БГНЕС.

Извор: МИА

- Реклама -