Мицотакис за Преспанскиот: Договорите се однесуваат на државите, а не на владите

Атина, 4 ноември 2021 (МИА) – Договорите се однесуваат на држави, а не на влади, потенцираше грчкиот премиер Кријакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Мега“, во однос на последните случувања кај нас и Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис уште еднаш го повтори неговиот став дека од моментот кога Договорот е ратификуван, тие ќе го спроведуваат.

„И покрај слабостите што ги посочив во Договорот, никогаш никого не измамив и од почетокот кажав дека од моментот кога овој Договор ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент, должен сум да го спроведам и многу внимателно да го следам неговото спроведување“, рече Мицотакис.

Додаде дека „токму со следењето на овој процес е поврзано“ прашањето за тоа кога во Парламентот ќе бидат донесени за ратификација трите меморандуми со нашата земја.

На коментарот на новинарката дека „досега немаше проблеми во Северна Македонија“ и сепак не беа ставени на дневен ред, Мицотакис кусо одговори дека тоа ќе го оценат тие во соодветно време.

- Реклама -