Пендаровски: Темелите на државава се илинденски и антифашистички, пред нас е задачата да ги чуваме слободата и демократските вредности

Скопје, 11 октомври 2021 (МИА) – Иако денес тешко е да се даде одговор на големите историски дилеми кои биле актуелни пред многу години, можеме да бидеме сигурни дека ако не бевме дел од антифашистичката коалиција, денес немаше да имаме своја држава, рече претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање во рамки на свечена празнична програма за одбележување на Денот на народното востание, 11 Октомври во Прилеп.

„Сите документи и манифести од НОБ, широката меѓународна поддршка и признание за нашата борба недвосмислено потврдуваат дека само како дел од антифашистичката коалиција можевме да дојдеме до своја и слободна држава“, нагласи Пендаровски.

Годинава, посочи тој, кога одбележуваме 80 години од почетокот на Народното востание, прославуваме и 30 години од независноста.

„Денескa кога низ целата земја го празнуваме денот на Народното востание им оддаваме почит на храбрите мажи и жени кои се жртвуваа за нашата слобода и државност“, рече Пендаровски.

Темелите на оваа држава, истакна Пендаровски, се илинденски и антифашистички и оној момент кога тоа би го заборавиле, тогаш самите би работеле на уривање на единственото место на светот кое можеме да го наречеме свој дом.

„Иако победен фашизмот за жал и до ден денешен не е целосно искоренет. Оваа ужасна идеологија што ги мрази различните, ги презира ранливите и е индиферентна кон оние кои страдаат секогаш одново се јавува во периодот на длабоки кризи. Ксенофобијата, расизмот и другите типови на неофашизам се вечниот непријател на вроденото достоинство на човекот и слободата на народите. Истовремено многу од старите пропаганди се присутни и денес, но во нов формат продираат во македонскиот традиционален и дигитален простор. Иако ни доаѓаат по нови патишта и во нови форми, фашизмот и пропагандите имаат иста цел, да сеат раздор и омраза меѓу луѓето. За да бидеме отпорни кон нив, мора да научиме да ги препознаваме и да ги отфрламе“, посочи претседателот на државата.

Пред нас, според него, е задачата да ги чуваме слободата и демократските вредности и посветено и одговорно да придонесуваме за соживотот.

„Република Северна Македонија мора да продолжи да вложува напори да биде дел од прогресивниот свет притоа водејќи сметка за достоинството и на граѓаните и на државата. Преку граѓанско и национално помирување, преку владеење на правото и подигнување на квалитетот на животот, да ја вратиме надежта кај младите дека може да се остварат тука во својата татковина. И со тоа да целиме кон праведно и слободно општество на еднакви за какво што сонуваа нашите славни херои во чија чест сме денес сите ние овде собрани“, нагласи Пендаровски.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Претседателот истакна дека востанието започнало во најмрачниот час од нашата историја, а децениите на национална обесправеност, насилна асимилација и пропаганди, кулминирале со фашистичката окупација во април ’41 година.

„Како идеологија на злото што ги дели народите на супериорни и недостојни, фашизмот му даде за право на посилниот брутално да владее со послабите. Не можејќи повеќе да го гледаат теророт врз народот, на 11 октомври 41-тата, борците на прилепскиот партизански одред ‘Гоце Делчев’ го означија почетокот на народното востание како тогаш последна етапа на историскиот континуитет на борбата за слободна македонска држава. Континуитет затоа што тие продолжија да чекорат по патеката на илинденците“, рече шефот на државата.

Меѓу партизанските одреди, додаде тој, ниту еден не бил именуван според Маркс и Енгелс или Сталин, наместо тоа тие ги носеле имињата на македонските револуционери Даме Груев и Пере Тошев, Сандански и Влахов, Питу Гули и Добри Даскалов.

„Нашиот придонес во победата на глобалната антифашистичка коалиција не беше занемарлив. Имавме едно од највиталните партизански движење во Европа, кое за четири години даде околу 25.000 жртви и успеа да мобилизира близу 101 војска“, потенцира Пендаровски.

Градоначалникот на Општина Прилеп – Илија Јованоски, посочи дека наша обврска како современици е да го исполниме аманетот, да ја чуваме слободата, да градиме современо општество кое се темели на демократски принципи и во кое ќе живеат слободни и демократски граѓани.

„Во овој момент тоа ние го исполнуваме, Прилеп се гради и напредува во сите сфери, инфраструктурно, еколошки, културно социјално итн.“, рече Јованоски, испраќајќи порака да го почитуваме минатото, да ја градиме сегашноста, и да отвориме пат за стабилни темели кон иднината, чекорејќи цврсто, храбро, со јасна цел и визија.

Претседателот на општинскиот одбор на Сојузот на борци од Прилеп – Круме Соколоски, истакна дека 11 октомври е симбол на македонскиот непокор. По многу востанија, како што рече, ова претставува прво ослободително востание кое ги остварило стремежите на многу борбени генерации низ богататата историја на земјава за нејзина слобода.

„Затоа денеска на ова свето место оддаваме почит на сите оние кои се вградиле себе во темелите на нашите поколенија. Првиот востаниски истрел не бил само симболичен чин, туку автентично сведоштво за определбата на македонскиот народ и припадниците на останатите заедници да бидат на страната на антифашистичката коалиција во борбата против големото зло на човештвото – фашизмот, како најтемна идеологија и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности“, нагласи Соколовски.

- Реклама -