Њу Делхи, 5 октомври 2021 (МИА) – Индискиот Врховен суд им нареди на властите да исплатат по 672 американски долари надомест на семејствата за секој смртен случај од Ковид-19.
Индија пријави вкупно 449.260 смртни случаи, но експертите предупредуваат дека официјалната бројка е мала и оти голем број луѓе починале во внатрешноста на земјата. Тие исто така тврдат дека во големите градови, како Њу Делхи голем број починати не биле пријавени, бидејќи во болниците недостигаа слободни кревети и кислород.
Подносителите на барањето поднесоа жалба до Врховниот суд, при што бараат Националната управа за катастрофи, преку која Владата пружа финансиска помош при природни катастрофи, да обезбеди осумпати поголем надомест.
Индиската Влада се согласи од Државниот фонд за катастрофи да исплати минимална сума.
Непознато е колку држави се согласиле да исплатат надомест за смртен случај од Ковид-19. Во Тајланд граѓанин поднесе тужба против владините тела за борба против Ковид-19 и против премиерот и други државни функционери, барајќи отштета од 134.000 долари поради занемарување на должноста, што било причина за смртта на неговиот брат.
Во Индија регистрирани се вкупно 33.85 милиони заразени лица со Ковид-19.