Ковид-позитивни од тестираните во периодот од 6 август заклучно со 30 септември 2021 во државава се 35.531 граѓанин. Од нив, 23 отсто, односно 8.233 лица биле целосно вакцинирани, соопшти Министерството за здравство, напомнувајќи дека за вакцинирани се сметаат лицата со две дози и кои поминале најмалку 14 дена од примање на втората доза вакцина.
„Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид-19. Според статистиката за изминативе недели, 27.298 граѓани, односно 77 проценти од позитивните не биле вакцинирани, наведува Министерството кое денеска објави анализа за речиси два месеца.
Невакцинирани се 79 отсто кои во наведениот период биле хоспитализирани, додека 21 процент од сите хоспитализирани пациенти во моментов се целосно вакцинирани.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август до 30 септември 2021, на територија на државата починале 1.162 лица со Ковид-19, 987 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 15 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на ‘Модерна’ и ‘Џонсон’, информира Министерството за здравство.
Во соопштението МЗ укажува на важноста од вакцинација и дека секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна. Апелира граѓаните да се вакцинираат зашто само така ќе се постигне колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на вирусот.