Иванов: Обезличувањето на Македонија започна со Охридскиот договор, често предупредував за она што денес ни се случува

„Читајќи го зборникот на трудови од меѓународниот научен собир од 2011 година, организиран од МАНУ по повод 20-годишнината од самостојноста на Република Македонија, може да се почувствува колку била оправдана загриженоста и стравувањата за иднината на Македонија, за нејзиното име, јазик, идентитет, за нејзиното опстојување. Иако дел од тогашните учесници – академици не се денес меѓу живите, жива и бесмртна е нивната мисла и завет која најконцизно е искажана, уште на самиот почеток на 20 век, од Крсте Петков Мисирков: ‘Собитијата што се развија до сега ни покажаа колку ние самите можеме да си напакостиме, мислејќи дека постапуваме правилно’ “, истакна поранешниот претседател на државата – Ѓорге Иванов, во своето поздравно (видео) обраќање по повод свечениот научен собир на тема „СОВРЕМЕНАТА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА – ДВЕ ЕТАПИ ВО ПРОЦЕСОТ НА НЕЈЗИНОТО ФОРМИРАЊЕ И РАЗВОЈ: 1941–1991/ 1991–2021 ГОДИНА“, во организација на МАНУ, по повод 30-годишнината од независноста на државата.

Според Иванов, денес ретко или воопшто не се читаат Мисирков и неговата „За македонцките работи“, особено од страна на актуелната власт и нејзините советници, поради страв кој произлегува од сопствената грижа на совеста затоа што е, како што вели Иванов, испогането сè што било и ќе биде свето за Македонците и за Македонија.

Според екс-претседателот на државата, денешната ситуација е производ на обезличувањето на Македонија, кое, како што вели, започнало уште во 2001 година, со Рамковниот договор. Тоа, додава, јасно го посочила и македонската интелигенција.

„Обезличувањето на татковината, обезличувањето на Македонија не е дело само на грчкиот договор од Преспа и договорот со Бугарија. Тој процес смислено почна да се реализира на десетгодишнината од македонската државност. Почна со Охридскиот договор. Хегел ќе каже дека највозвишената слобода на еден народ се остварува кога тој ќе ја создаде својата држава. Од друга страна, првата и основна задача на државата е да ја создаде својата нација, која пак е создадена за да ја чува државата. Токму затоа денешниот меѓународен поредок е поредок на нации-држави. Македонскиот народ учествувајќи во Втората светска војна на вистинската и праведната страна на историјата, ја создаде на АСНОМ својата сопствена држава. Таа асномска, антифашистичка македонска држава ја создаде македонската нација, која преку националните институции ја крепеше македонската држава во рамките на југословенската федерација. Со охридскиот договор, покрај сите предупредувања, македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет – етничка група. Од тогаш сè веќе беше подготвено за она што денес ни се случува“, истакна Иванов.

Тој потенцираше дека предупредувал дека ќе се случи она што денес се случува.

„Како претседател на Република Македонија, често посочував и предупредував за она што сега ни се случува. Предупредив дека цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на Македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати. Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Предупредував дека со спогодбата од Преспа се става крај на Република Македонија каква што ја знаеме. И затоа како претседател на Република Македонија ниту учествував ниту потпишав таков договор.

Посочив и предупредив дека актуелната власт се пазари со оние кои претендираат да го држат клучот на нашето минато и кои го оспоруваат нашето историско право на постоење и самоопределување. Невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите. Никој нема право, слобода и не е повикан да менува нешто, да испревртува факти, да ја преиначува вистината. Не е само неприкладно, туку е срамно и жално, и за Македонија и за Македонците. Со договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување преку одрекување и одродување од сопствената историја, без која немаме компас за иднината. Предупредив дека ќе посегнат по македонскиот јазик. Наместо заштитен, македонскиот јазик е изложен на нападите на оспорувачите кои, обидувајќи се да го избришат или преименуваат, вршат опресија врз македонскиот идентитет“, порача Иванов, меѓу другото.

- Реклама -