„Пописот на населението, домаќинствата и становите на целата територија на државата се одвива со посакуваниот интензитет, без проблеми и убедени сме дека успешно ќе заврши во планираниот рок“, изјави директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) – Апостол Симовски, кој денеска престојуваше во Дебар.
„До вчера попишани се точно 800.008 граѓани, а до утре очекуваме бројка од милион попишани граѓани. Бројот на оние кои одбиваат е незначителен, а по разговорите, кај нив повеќе нема двоумење и се попишуваат. Оние кои повикуваат на бојкот, главно преку социјалнте мрежи, не ѝ мислат добро на државата. Повторувам дека пописот е статистичка, а не политичка операција“, рече меѓу другото Симовски.
Заедно со соработниците тој имаше средба со пописната комисија, како и со градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.
„Целта на нашата посета беше одблску да се запознаеме со текот на пописните активности во пописен реон 24, што ги опфаќа општините Дебар и Центар Жупа. Можам да кажам дека овдека пописот се одвива според планираата динамика. На ова подрачје досега не е регистриран случај на одбивање да биде попишан“, рече тој.
Истата оценка ја изнесе и за општина Маврово и Ростуше, каде биле пред да дојдат во Дебар.
И претседателот на пописната изборна комисија – Решат Ќормемети, искажа идентична оценка околу текот на пописот во општините Дебар и Центар Жупа, каде досега се попишани над осум илјади граѓани.
Според ДЗС, заклучно со 20 часот вчера попишани се 800.008 лица, 249.500 домаќинства и 336.109 станови. Можноста за самопопишување на лица во странство, пак, досега ја искористиле 193.168 лица. Пописот трае до 30 септември.