Шпекулациите за бројот на граѓани кои на тековниот попис се изјасниле како Бугари, се „чиста глупост“, оцени директорот на Државниот завод за статистика – Апостол Симовски, во гостувањето во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“. Никој досега, потенцираше тој, немал пристап до базата со податоци за да може да постои таква информација.
„Тоа е чиста глупост и мислам дека такво нешто не заслужува коментар. Никој жив досега нема влезено во податоците кои се собрани од пописот. Ниту едно, единствено лице. Целиот систем е со однапред предвидена заштита за било какво влегување во него, па дури и од нашите вработени“, рече Симовски, додавајќи дека бројките ќе бидат достапни откако ќе заврши статистичката операција и вкупната обработка на податоците.