Скопје, 15 септември 2021 (МИА) – Директорот на Државниот завод за статистика – Апостол Симовски, вели дека нивната веб-страница е под постојан напад на хакери и оти имало два обиди за хакерски упади на системот за попишување, кои успешно биле одбиени.
„Постојано е хакирана нашата веб страница. Веројатно целта е корисниците да не бидат во можност да ги следат нашите информации. Во два случаи имавме обид за хакерски напад на самиот процес на пописот, но и двата се успешно одбиени. Не е предизвикана никаква штета. Немам сознанија од каде се, но знам дека денес може да се направи таков обид од било каде, а да не знаете од каде доаѓаат нападите“, истакна Симовски синоќа во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.
Тој рече дека има групации кои сакаат овој процес да не успее и јавно повикуваат граѓаните да не се попишуваат но, како што вели, не може да разбере зошто овие групации се против пописот.
Според Симовски, никаков политички субјект не вршел притисок врз нив како да се спроведе пописот.
„И власта и опозицијата дадоа поддршка на овој процес и тоа е добро. Таа политичка порака да се поддржи овој процес е апсолутно коректна. Она што професионално го работиме е наша работа и никој не се обидел да се меша“, рече Симовски.
Првиот човек на ДЗС вели дека досега повеќе од 600.000 граѓани се попишани.
„Задоволен сум, но не ме прави комфорен и нема да бидам комфорен и нема да бидам се до последниот ден од пописот“, посочи Симовски.
Според него, само вчера се попишани над 100.000 граѓани.
„Со ова темпо пописот ќе се забрза и очекувам на време да ги завршиме сите работи“, додава Симовски.
Пописот, како што рече, може да покаже 1.800.000 граѓани, но не сакаше да прејудицира пред неговото завршување.
„Не би сакал да шпекулирам и очекувам дека ќе биде помал податокот од оној кој го имавме во 2002 година. Да почекаме, имаме уште малку време да го завршиме пописот и да завршиме со обработката на податоци и да излеземе со официјални резултати. Има некој индиции дека може да биде 1.8 или 1.9, но да не избрзуваме со прогнози“, рече Симовски.