Скопје, 20 август 2021 (МИА) – Адитив кој спречува ширење на шумски пожари и четири патролни квадрицикли за брзо детектирање евентуални пожари е новонабавената опрема што ќе се користи за заштита од пожари на парк шумата Водно.
Ефикасноста на адитивот Фајарлес ВТ, кој е развиен од македонска компанија со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој, а ќе биде дел од опремата на единиците на Бригадата за противпожарна заштита Скопје и одговорните од Паркови и зеленило за одржување на Водно, беше претставена денеска на вежба за гасење пожар на врвот на Водно.
Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, посочи дека Градот Скопје има набавено посебна лична опрема за пожарникарите за гаснење шумски пожари и четири четирицикли коишто се користат на Водно за движење и на вработените од Паркови и зеленило, меѓутоа и за Противпожарната бригада.
„Новина денеска која што станува составен дел од Противпожарната бригада која што е развиена во соработка со Фондот за иновации и во производство на ВТ продакшан фирмата е адитивот којшто можевте да го видите, којшто адитив всушност не само што го гасне пожарот, туку и го спречува неговото ширење на начин што околу вегетацијата која што е зафатена со пожар со прскање на таа вегетација се заджува влагата и се активира адитивот којшто го спречува ширењето на пожарот“, изјави Шилегов.
Ова, додаде Шилегов, е многу неопходна опрема особено за тн. ниска вегетација која што изобилува на нашата планина Водно и е всушност официјално дел од опремата на Противпожарната бригада во Скопје.
Влатко Тасевски од ВТ продакшан, појасни дека адитивот Фајарлес ВТ е наменет за гаснење шумски пожари и пожари на отворено, како и за спречување нивно ширење со претходно третирање на местото.
„Веќе имаме поднесено патенти во Македонија и во Англија, добиени се сите потребни сертификати за животна средина, за токсиколошка анализа на производот, сѐ е тоа безбедно и од една страна спремен е производот да се имплементира во реалноста. На почеток во ноември месец планираме да направиме одредена донација од 20 тона адитив на Град Скопје и Противпожарната бригада со цел сами да можат да ги увидат ефектите“, појасни Тасевски.
Командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Владимир Симоновски, посочи дека за показната вежба е направена заедно со Паркови и зеленило како претпријатие на Град Скопје и дека и кај нив е дадена соодветна литража на адитив за брзо спречување на евентуални и почетни пожари на парк шумата Водно.
„Направиме показна вежба во која што запаливме дел од шумата, нискостеблеста шума на шумата Водно. Го употребивме адитивот согласно потребите коишто треба за неширење на самиот пожар за демонстративно да покажеме дека нискостебелеста шума во овој период кога би го имале адитивот би ја одалечиле можноста за ширење на самиот пожар и би функционирално многу побрго во дејствувањето и во самото гасење на пожарот“, појасни Симоновски.
Генерално од 26.07 до 16.08 на цела територија на државата, посочи Симонвски имало 106 пожари, додека на територија на Град Скопје од 1 август до 15 август има 129.
„На територија на Град Скопје имало повеќе интервенции од кои 90 се на отворен простор, но ниеден од тие не беше вон контрола, ниту пак беше побарано помош од страна за град Скопје“, појасни Симоновски.