Скопје, 14 август 2021 (МИА) – Охридскиот рамковен договор го издржа тестот на времето, иако е далеку од совршен. Тој го отвори патот на земјата кон евроатлантските интеграции, но процесот продолжува, а нашето патешествие како држава ќе се заокружи тогаш кога по полноправното членство во НАТО, ќе ја постигнеме и втората стратешка цел, да почнеме преговори со Европската Унија, беа пораките од конференцијата што се одржа вчера во Скопје по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор.
Претседателот Стево Пендаровски во обраќање на конференцијата подвлече дека во изминативе 20 години во неговиот став за договорот нема промени и оти го смета за најдобриот можен одговор на политичкото раководство на тогашниот внатрешен безбедносен, политички и историски контекст. При тоа, успехот во имплементацијата на договорот, кој е неспорен, рече, не се должи на неговата беспрекорна нормативна структура или на уникатните политички решенија, туку решавачко беше тоа што оние кои го потпишаа немаа намера да ја фингираат неговата реализација и едно да зборуваат пред странците, а друго да прават пред својот домашен електорат.
-Договорот го издржа тестот на времето, иако е далеку од совршен. Ако во него бараме пропусти, тогаш, според мене, најголемата грешка беше што под притисок на крајно неповолната динамиката од настаните на теренот учесниците во преговорите воопшто немаа време да се посветат на правата и статусот на помалку бројните етнички заедници и поради тоа договорот со право е оквалификуван како бинационален, а, тоа сигурно не е предност во едно мултикултурно општество… Но, сега имаме рамка, имаме устав, имаме искуство и мора секоја криза да ја внесеме внатре во институциите и да ја менаџираме низ демократски процедури, рече Пендаровски.
Договорот, додаде тој, е рамка за иднината на македонската демократија, но, и за развивање на интегрирани релации со евро-атлантската заедница.
-Немам дилема дека на земјата не и треба нов внатрешен и надворешно-политички концепт бидејќи стариот етаблиран по 1991-та и по 2001-та нуди потенцијал за развој. Стабилноста и просперитетот на Република Северна Македонија зависат од нашиот капацитет да ја позиционираме во евроатлантската група на нации. Притоа, императив е либералната и модерна визија за нашата иднина да добие предност пред тесните, националистички и парохијални политики кои во неколку наврати ги загрозија темелите на државата. Убеден сум дека во рамки на една таква визија за иднината, резонот поради кој беше постигнат Охридскиот рамковен договор е предност, а не пречка за нашиот развој и просперитет. Имено, во тоа и се состои главниот предизвик за нас, актуелната генерација политичари, да објаснуваме дека државата не може да загуби ако некои од нашите сограѓани добиваат права, кога тие права не се добиени за сметка на губењето на правата на други наши сограѓани или етнички заедници. Да го употребам насловот на конференцијата, доволно сме далеку од Охрид за да ја знаеме неговата практична вредност но, и вистината – каде бевме пред 20 години, а каде сме денес, порача претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, пак, оцени дека договорот ги постави новите правила на општествената кохезија и подоброто меѓуетничко функционирање, и беше најцврстиот темел врз кој го трансформиравме видливо нашето мултиетничко, мултиконфесионално и мултикултурно општество. На овој пат, додаде тој, имаме безрезервна поддршка од нашите меѓународни пријатели и стратешки партнери кои беа до нас и го помогнаа концептот и постигнувањето на мирот со отворен и непосреден политички дијалог и се до нас и сега кога ги уживаме резултатите од неопходноста, моќта и ефективноста на Охридскиот договор.
– Ова што ви се обраќам на албански е реалност и знак дека имаме за што да бидеме горди, меѓутоа, никако да сметаме дека сме ја завршиле домашната задача, затоа што, како што вели и слоганот на манифестацијата – „После Охрид“, процесот продолжува, предизвиците не се исцрпуваат и нашето патешествие како држава ќе се заокружи тогаш кога ќе ја исполниме и нашата втора стратешка определба и цел, односно, по полноважното членство во Сојузот на НАТО, да почнеме преговори и со Европската Унија, по определувањето на датумот за одржување на првата меѓувладина седница на Република Северна Македонија – Европска унија. И, повторно, ништо не завршува тука! Грижата и обезбедувањето на правата и слободите, се разбира и обврските на секој граѓанин во земјава остануваат сега и засекогаш, прв, втор и последен приоритет на сите нас!, порача Џафери.
Според премиерот Зоран Заев, со договорот беше обезбедена мирната иднина и натамошна демократска изградба на Северна Македонија со еднакво учество на сите нејзини етнички заедници.
-Како држава, вели, ги презедовме сите неопхподни мерки за градење интегрирано опшество кое е цврсто базирано на владеење на правото, заштита на човековите права, почитување на различностите и се развиваме во заедница во која шансите се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на ЕУ. После Охрид, нашата земја гради зрели политики, и наместо конфликти разговараме за економски напредок и унапредување на добрососедските односи, а заедно со нашите соседи создаваме Отворен Балкан, нагласи Заев.
Сите заедници, вели, треба да бидеме горди дека претставуваме позитивен пример од кој другите учат.
-Испорачувачи на мир, урнек по кој многу други земји и региони, не само на Балканот и Европа, туку и во светот може да учат. И си земам за право да оставам аманет, да си го чуваме она што заедно сме го постигнале овие 20 години и да бидеме благодарни на современиот свет од кој многу учиме и кој многу ни помага. Тоа е западниот свет кој бил тука и пред 20 години и денес е тука, како наша поддршка. Пред се, нашите стратешки партнери САД и ЕУ, истакна Заев.
За лидерот на ДУИ Али Ахмети најголемата потешкотија која ќе беше трагична и за Албанците и за Македонците ќе беше поделбата на оваа држава. -Тогаш пред 20 години и оваа опција беше на маса и јас ќе бидам благодарен на НАТО, Вашингот и Брисел дека најдовме сила, поддршка против оваа трагична опција со непредвидливи последици за нашите граѓани, рече Ахмети.
Тој порача да ги почитуваме постигнатите договори, да успееме заедниците во оваа држава да бидат господари на нивните судбини, да не ни пречи ниту јазикот, ниту културата на другиот.
Секое унапредување на јазикот и културата на другиот, укажа, е напредок на државата. Колку е полојална државата кон граѓаните толку полојални се граѓаните во државата. Имаме уште многу да направиме и ќе направиме…Целосната имплементација и примена на Охридскиот мировен договор, на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија да се применат од точка до точка сите обврски, да бидеме бескомпромисни во борбата против корупцијата и криминалот. Ние Европа ја имаме блиску на прагот, но задачите треба да ги направиме сами. Ние сме земја членка на НАТО, рече Ахмети.
На конференцијата се обратија и претставници на меѓународната заедница, со пораки за поддршка на натамошниот развој на државата и интегрирање во Европската унија.
– Во име на НАТО би сакал искрено да им честитам на луѓето од Северна Македонија на прославата на овој клучен момент во вашата историја. Охридскиот рамковен договор е огромно политичко постигнување. Тоа не само што обезбеди безбедна иднина за македонската демократија, туку исто така, го изгради и патот до потесна регионална соработка и подобри односи во Западен Балкан, рече во видео обраќање заменикот помошник на генералниот секретар на Алијансата, Џејмс Апатурај.
Поранешниот претставник на НАТО, Питер Фејт, пак, порача дека Охридскиот рамковен договор е прилично уникатен и дека за неговата одрживост од големо значење била посветеноста на реформите во насока на неговото имплементирање.
Охридскиот рамковен договор сега се споменува во преамбулата на Уставот на Северна Македонија. Со амандманите на Законот за употребата на јазиците ние сега сме кон заокружувањето на имплементацијата на овој договор. Мислам дека ова е фантастичен резултат и тоа дава содржина на оваа прослава, истакна Фејт.
На конференцијата не учествуваа претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде сметаат дека не е време за прослави во услови на здравстевна криза и прогласена кризна состојба во државата.
-Прославата за 20 години од Охридскиот рамковен договор се претвори во партиска забава, а не државна прослава и за тоа ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на таквиот декор. Сега не е време, ниту место за партиски политички промоции во време на прогласена кризна состојба и во време на повторно влошување со КОВИД пандемијата во државата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Алијансата за Албанците, пак, сметаат дека тие коишто ја имаа најголемата обврска да го имплементираат договорот во овие две децении, организираат скапи прослави и забави за да го покријат нивниот дводецениски неуспех. По дваесет години, Охридскиот договор продолжува да биде тема на дискусија и ниту еден од столбовите на овој договор не е заокружен, маведоа од партијата.