„Визуелна проверка на потврдата за имунизација не претставува злоупотреба на лични податоци“

Законот за заштита на личните податоци се применува само во случај кога се врши „обработка на личните податоци“, а визуелна проверка на сертификатот за вакцинација не претставува „обработка на личните податоци“ и, оттаму, ваквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци, односно мерката на Владата која вклучува рестрикции за невакцинираните не го прекршува Законот за заштита на личните податоци, соопшти денеска Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП).

„Законот за заштита на личните податоци се применува само во случај кога се врши обработка на личните податоци. Под обработка на лични податоци согласно Законот се смета секоја операција или збир на операции кои се извршуваат врз личните податоци, или група на лични податоци, автоматски или на друг начин, како што се: собирање, евидентирање, организирање, структурирање, чување, приспособување или промена, повлекување, консултирање, увид, употреба, откривање преку пренесување, објавување или на друг начин правење достапни, усогласување или комбинирање, ограничување, бришење или уништување.

Оттука, известуваме дека ако се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот Sars-Cov-2 (без оглед дали е во хартиена форма или се чува на дигитален уред) и притоа не се задржуваат лични податоци при ваквата проверка, тоа не претставува ‘обработка на личните податоци’ и следствено, ваквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци“, стои во соопштението.

„Имајќи го предвид погоре наведеното… произлегува дека доколку при реализацијата на оваа одлука се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот SARS-CoV-2 (по принципот ‘приложил или не приложил потврда’), таквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци и следствено не би претставувала злоупотреба на личните податоци“, додаваат од Агенцијата.

- Реклама -