Првиот вицепремиер во Владата – Артан Груби, денеска изјави дека тендерот за организација на настаните поврзани со одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор бил транспарентен и дека на крајот ќе се види колку тие навистина ќе чинат, потенцирајќи дека трошокот „нема да биде поголем од придобивката што ја имаме од Охридскиот рамковен договор“.
За прославата на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор беше распишан меѓународен тендер во вредност од 30 милиони денари.
„Во однос на тендереската постапка сѐ беше транспаретно, меѓународен тендер и сѐ заврши со позитивно мислење на Бирото за јавни набавки. Цената е таа, но не мора да значи дека тоа ќе го исплатиме на крај, затоа што се работи за настани што ги организираме веќе еден месец, а ќе продолжат и по 13 август. Не се работи само за 13 август, туку за повеќе и ќе видиме на крај кои се трошоците, но секако овој трошок нема да биде поголем од придобивката што ја имаме од Охридскиот рамковен договор, а тоа е траен мир, инклузивно општество, земја во НАТО и со европска перспектива. Во тоа голем удел има и Охридскиот рамковен договор“, рече Груби во интервју на ТВ „Канал 5“.
Првиот вицепремиер соопшти дека на централното одбележување на дваесетгодишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, на 13 август со почеток во 10:00 часот во х. Александар Палас, ќе се одржи конференција со три панели.
„Првата е лидерска на која ќе се обратат претседателот Пендаровски, премиерот Заев, претседателот на Собранието Џафери, поранешниот претседател Црвенковски, поранешниот премиер Хари Костов, претседателот на ДУИ Ахмети, јас, додека на другиот панел ќе се обратат и Лорд Робертсон, Хавиер Солана, американската амбасадорка Брнз…“, рече Груби.
МИА