Сопствениците на опожарениот „Рагуза“: Благодарност до Шилегов, без новата противпожарна скала последиците ќе беа несомнено поголеми

По саботниот пожар на кровот на катната гаража „26 Јули“ во центарот на Скопје, во кој беше зафатен ресторанот „Рагуза“, сопствениците на ресторанот се огласија на социјалните мрежи.

Тие се заблагодарија за грижата и сите пораки со поддршка од граѓаните, при што со задоволство информираат дека немало ниту жртви, ниту повредени. Пожарот, како што велат, избувнал во машинските и помошните простории, па затоа материјалната штета е голема, но од друга страна ресторантскиот дел е во сосема добра состојба, па оттаму очекуваат ресторанот нормално да функционионира веќе за 10 дена.

Сопствениците на „Рагуза“ изразија и огромна благодарност до противпожарната служба за брзата интервенција, но и до градоначалникот Петре Шилегов за набавката на новото противпожарно возило (читај: противпожарната скала), без кое, како што велат, огнот немало брзо да биде локализиран и несомнено ќе имало поголеми последици.

Претходно и самиот Шилегов посочи дека екипираноста на пожарникарите со новата 45-метарска специјална повеќенаменска противпожарна скала било клучно за брзо локализирање и ефикасно гаснење на пожарот, на висока локација, со што е спречено негово ширење низ долните катови од катната гаража и предизвикување огромна материјална штета.

„Човечкиот живот нема цена и затоа безбедноста на нашите сограѓани ја ставивме на прво место, а перформансите на новата повеќенаменска противпожарна скала значат многу спасени животи и на нашите сограѓани, но и на хероите на градот, припадниците на скопската противпожарна бригада“, додаде скопскиот градоначалник.

- Реклама -