„Паничното барање хеликоптери од ‘стручни лица’ создава само паника. Верувајте, преземаме сè што би презел секој ваков центар“, изјави директорот на ЦУК – Стојанче Ангелов, на прес-конференцијата по повод состојбата со пожарите во државава.
За критиките околу употребата на хеликоптерите само во соодветни услови, Ангелов акцентира дека не постои хеликоптер, особено не во Европа, што може да гасне пожар ноќе.
„Хеликоптерите имаат лимит. Не само нашите, туку и српските, и француските, и американските. Никаде во Европа не постои хеликоптер кој гасне ноќно време. Ова е проверена информација. На хеликоптерите не можеме да сметаме откако ќе се намали дневната светлина, тие мора да се вратат во база. Со нив управуваат луѓе чии животи ни се важни“, рече Ангелов.
Тој повтори и дека небезбедно е летањето со хеликоптерите на температура што надминува 37 степени.
Утрово Ангелов леташе во еден од петте хеликоптери кои се упатија да го гаснат пожарот кај Пехчево. На социјалните мрежи тој вети вклучување во живо, доколку дозволуваат условите, за да ни овозможи, како што рече, да погледнеме како изгледа местото на пожарот и процесот на (денско, во случајов) гаснење од воздух. Еден час подоцна, Ангелов соопшти дека хеликоптерите почнале со гаснење на пожарот, но дека поради безбедносни причини и протоколи нема да се вклучи во живо.