По 10.000 денари награда за 300 пожарникари и граѓани кои помогнаа во гаснење на пожарите

Скопје, 4 август 2021 (МИА) – Владата одлучи да додели парична награда од по 10.000 денари за вкупно 300 лица од кои дел пожарникари, а дел останати граѓани кои помогнаа во гаснењето на шумските пожари, кои ја зафатија територијата на државата.

Како што соопшти владината прес-служба, одлуката за одобрување средства од резервите на Буџетот за 2021 е донесена на денешната владина седница, на предлог на Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој.
Листата на граѓани кои ќе ја добијат наградата ќе биде утврдена во соработка со општините, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи.

На денешната седница, која се одржа преку видеоконференциска врска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги информираше своите колеги од Владата за состојбата со пожарите во државата. Спасовски, како што се наведува, потенцира дека безбедноста на граѓаните останува приоритет и информираше подетално за помошта која ја нудат соседни и пријателски земји за гасење на пожарите во Република Северна Македонија.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Владата донесе заклучоци да го задолжи Генералниот секретаријат, во консултации и соработка со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) за обезбедување на сместување и храна за лицата кои како странска помош доаѓаат да помогнат со санирање на пожарите.

На седницата на Владата е заклучено и да се обезбедат податоци за прифаќање на техничка помош и помош во работна сила за обновување на објектите кои претрпеле штети при пожарите, понудена од Швајцарската Конфедерација.

- Реклама -