Груби за Рамковниот: Споредете пред 20 години и денес – нема институција што не зборува и албански, на Илинден бучи албанска музика во Крушево

Именувањето на повеќе од 150 улици, плоштади и булевари со албански имиња во Скопје, а во духот на Охридскиот договор, е едно од најголемите достигнувања на Албанците од Македонија, оцени директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците (Скопје) – Скендер Асани, на денешната трибина „Скопје и новите албански адреси, рефлексија на Охридскиот Договор“ организирана заедно со Министерството за политички систем и односи помеѓу заедниците, во рамки на активностите за одбележување на 20-годишнината од Рамковниот договор од 2001 година.

И првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, кој учествуваше во трибината, истакна дека именувањето на улиците, плоштадите и булеварите во Скопје, со 150 имиња на истакнати личности и важни настани од албанската национална историја – е големо достигнување како резултат на имплементацијата на Охридскиот договор.

„Ви честитам за ова достигнување за промена на имињата во градот Скопје како една од знаците и камењата на Калето кои ќе бидат видливи за граѓаните и ќе ја направат разликата како било и како е денес, но не треба да застанеме тука. Патот на еднаквоста бара секојдневен третман и ангажман од секој од нас, во секоја институција каде што сме присутни – од Претседателот, Претседателот на Собранието, Претседателот на Владата, Советникот на Град Скопје, директорот во институција, вклучително и административниот службеник, ја има најголемата можна човечка одговорност за да ја гарантира еднаквоста и за да ја одржи таа еднаквост до денот на неговото пензионирање“, изјави Груби.

Тој му честиташе на Асани и за објавата на неговата најнова книга, насловена „Новите адреси на еден спомен“, по што направи паралела како било пред 20 години за Албанците – со денес.

„20 години не се далеку. Застанете само и направете ја разликата каде сме биле пред 20 години и каде сме денес. Во Влада зборуваме на албански, во Собрание зборуваме албански, влезете на веб страната на Претседателот… сѐ е и на албански јазик. Не подалеку од вчера, на одбележувањето на Илинден бучеше албанската музика и албанското оро сред Крушево и немаше никакво двоумење од ниеден учесник околу достоинствената презентација и на албанската култура. Нема институција во ова земја која не зборува и албански. Нема ништо невозможно кое ние не можеме да го реализираме и ова е благодарение на сите оние кои ја имаа храброста, од логорите до Собранието, да ја променат политичката, правната реалност на оваа држава, правејќи го албанецот државнотворец и придонесувач во нашето општество“, рече Груби.

Прочитајте и:  Таравари: Албанскиот јазик не е рамноправен со македонскиот и мора да се врати на она што беше пред 1991 година

Тој побара од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците Охридскиот договор да го третира како културно богатство и притоа да се направи детална научна студија за споредба на сликата денес и во минатото. Исто така, најави и дека наскоро на јавноста ќе ѝ го претстават авторот на Охридскиот рамковен договор:

„Ни недостасуваат денови за да ги оствариме сите активности до последното заокружување на настаните на 13 август оваа година, кога ќе се одржи академија со присуство на нашите меѓународни пријатели како Лорд Џорџ Робертсон, Хавиер Солана, Пол Вилијамс, како и по 20 години на нашата јавност ќе и го претставиме авторот на Охридскиот рамковен договор, кој е еден наш одличен пријател од САД, како и многу наши пријатели од ЕУ, САД, ОБСЕ“, истакна првиот вицепремиер.

Асани, пак, оцени дека Охридскиот договор е историски пресек меѓу вековите и дека иако „не ги исполнува целосно аспирациите на албанскиот народ низ вековите, тој останува првиот договор каде меѓународниот фактор бил посредник“.

„Познато е дека Отоманската империја по Берлинскиот конгрес ги загуби правилните принципи дека Османлиската империја не може да биде нападната од ниту една држава, но Османлиската империја можеше да се уништи само одвнатре. И Северна Македонија со Охридскиот договор стана принцип дека ниедна држава не може да ја нападне и таа може да се уништи само одвнатре“, истакна тој на трибината.

- Реклама -