„Како град покажавме дека не само што станавме општина која е финансиски стабилна и може навреме да исплаќа сметки и долгови, туку станавме општина што успеа да даде и донации за здравствените институции на централно ниво во време на пандемија. Дадовме околу 100 илјади евра помош за здравствените институции“, изјави градоначалничката на Битола – Наташа Петровска, на вчерашната граѓанска трибина „Најдоброто за нашата општина“ во Битола.
Петровска акцентираше дека кога станала градоначалничка, наследила „колабирана општина“ со колабиран раст и со над 12 милиони евра доспени долгови. „Од самиот почеток, не само што почнавме да исплаќаме долгови, туку почнавме и да градиме“, рече Петровска.
Таа посочи дека општината инвестирала во училиштата, менувала кровови, дограма, како и воспоставување на основни хигиенски услови за најмладите.
„Покажавме дека како општина сме отворени за сите категории на граѓани. Целата општинска зграда е адаптирана за лица со потешкотии, а исти зафати се преземаат и во образовните институции“, додаде градоначалничката на Битола.
Петровска заклучи дека ја исполнила целта што си ја поставила кога се кандидирала – да може сега, по изминати четири години од мандатот, гордо да застане пред своите сограѓани и да ги погледне во очи. Како што рече, тоа го постигнала водејќи чесни, домаќински и одговорни политики.
„Битола почнавме да ја нарекуваме цветна Битола, затоа што никогаш претходно не била ваква. Само во изминатата година во Битола се поставени над 50 илјади цветни садници. Речиси и да не постои маало каде што не се поставени детски реквизити, а поставивме и над 90 илјади квадратни метри плочки за да ги покриеме каллиштата што беа оставани со децении“, потенцираше градоначалничката.