Општина Струмица, во име на, како што самите велат, транспарентноста и отчетноста, денеска одговори на големиот број реакции на социјалните мрежи и во јавноста во врска со новиот кружен тек на булеварот „Ленинова“, кој, како што може да се види од снимките од дрон, не е целосно симетричен, односно островот во средина не се наоѓа точно на средина на раскрсницата.
Од Општина Струмица потенцираат дека, пред сѐ, станува збор за проект кој сѐ уште е во тек на реализација и не е завршен, па оттаму и дека ова не е неговиот конечен изглед. Но, исто така, категорични се дека станува збор за (намерно) асиметричен кружен тек, кој е направен врз основа на проект изработен и одобрен од сите стручни лица и сите надлежни институции, меѓу кои и СВР Струмица и Советот на општина Струмица.
Потребата таквиот кружен тек да има асиметрична поставеност, објаснуваат од Општина Струмица, е воведување на посебни ленти за десно свртување од булеварот „Ленинова“ кон улицата „24-ти Октомври“ и од улицата „24-ти Октомври“ кон излезот на Струмица. Потребата од такви ленти, се додава во соопштението, е утврдена по пат на претходно направени броења со користење на софтвер за броење на проток на возила кои сообраќаат во најголем број од централното градско подрачје во правец кон улицата „24ти Октомври“ и од неа кон излезот на градот.
„Ја замолуваме јавноста за трпение проектот да биде целосно завршен, по што ќе има време да се види неговата функционалност и намена.
Реализацијата на проектот беше на барање на сите граѓани заради појавата на голем број на сообраќајни незгоди и загушувања кои постојат на оваа крстосница, со што и во прв план ја имавме практичноста и функционалност, а не неговата симетрија и изглед“, додаваат од Општина Струмица.
Видео: Струмица Денес