Владата дозволи свадби на затворено со до 250 гости, Пановски реагира дека одлуката е нелогична

На предлог на Министерството за економија, Владата денеска донесе одлука од 1 јули да се дозволи организирање на свадби и во затворени простории со максимум 250 лица, но не повеќе од 40% од капацитетот на просторот, информираше министерот за економија Крешник Бектеши.

Одлуката ќе почне да се применува од 1 јули 2021 година.

Ваквата одлука нема многу смисла, смета микробиологот Никола Пановски. Во изјава за „Фокус“, тој оценува дека е нелогично и натаму да треба да се носат маски во затворен простор, а истовремено да можат да се организираат свадби со 250 лица без носење маска.

Според Пановски, не само што нема потреба од ваква одлука затоа што постои пристојната алтернатива свадби да се организираат на отворено, туку и истата може да се покаже опасна.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

„Сега за сега нема да влијае, но за некоја недела, ако навлезе индискиот сој, ќе бидат од ризик овие настани, па ќе треба да се откажуваат веќе закажаните свадби“, предупредува Пановски.

Инаку претходно, на предлог на Комисијата за заразни болести, Владата дозволи од 1 јуни да се организираат свадби, прослави и веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 проценти од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса со обезбедување на препорачаната дистанца помеѓу лицата.

Бектеши и Владата, додуша, не прецизираа дали на свадбите на затворено нема да треба да се носат маски.

- Реклама -