Со пораз од 2-1 против Украина, Македонија го заврши вториот настап на Европското првенство во фудбал, но и надежите за пласман во следната фаза од натпреварувањето.
Натпреварот го загубивме во првото полувреме, кога Украина делуваше сосема надмоќно, а нашиот тим неорганизирано и нашата одбрана невнимателна и порозна. Првиот гол на натпреварот го постигна украинскиот капитен Андриј Јармоленко, во 29. минута, кога по нафрлање од корнер доби прекрасен пас со пета на втората статива непосредно пред гол линијата, по што немаше проблем да го совлада Димитриевски. Сепак, пресуден (како што се покажа подоцна) беше евтиниот гол што го примивме пет минути подоцна, кога нашата одбрана, очекувајќи непостоечки офсајд, целосно застана и допушти Роман Јаремчук да втрча во празен простор во нашиот шеснаесетник и во ситуација еден-на-еден лесно да го совлада нашиот голман.
Во второто полувреме истрча сосема поинаква Македонија, далеку постабилна и поофанзивна, а многу постатична Украина. Правејќи многу помалку грешки во додавањата, во споредба со првото полувреме, и Украинците имаа помалку прилики да нѐ потсетат, како претходно, колку се тие ситуации опасни. Веќе на самиот почеток на полувремето, Адеми, по одлична повратна топка од Пандев, се најде во одлична прилика во шеснаесетникот на Украина, но реши да бие на поблиската статива, каде со одлична интервенција мрежата ја одбрани голманот Бушчан. Украина возврати со крајно опасен шут на Малиновски од слободен удар од далечина, но Димитриевски одлично интервенираше и го одбрани неговиот удар.
Најубавиот удар кон голот на Бушчан го имавме во 55 минута, кога Трајковски упати фантастичен удар од далечина. Украинскиот голман целосно се испружи кон горниот лев агол и успеа со врвот од прстите да ја закачи топката, доволно за таа да заврши во пречката, по што се одби до Пандев, кој тогаш беше фаулиран и судијата покажа пенал за Македонија, во 57. минута. Одговорноста ја презема Алиоски, кој биеше силно, но не го изненади Бушчан. Сепак, одбиената топка заврши повторно до него, по што Алиоски без двоумење ја заби во мрежата.
Мечот продолжи да се игра главно на половината на Украина. Иако македонските фудбалери имаа повеќе обиди, тие не резултираа со некаква сериозна закана по мрежата на Бушчан, барем не во рамките на голот.
Во 83-тата минута, по сугестија од ВАР собата, Украина доби можност и да зголеми, откако беше досуден пенал поради игра со рака на нововлезениот Аврамовски во шеснаесетникот на Димитриевски, при слободниот удар што повторно го изведе опасниот Украинец Малиновски. Токму тој го изведе пеналот, но Димитриевски целосно го прочита и го одбрани неговиот удар.
Дополнителниот мотив што одбраната на Димитриевски го донесе за македонските фудбалери, а уште повеќе за македонските навивачи, не беше доволен за да дојдеме до израмнување во преостанатите минути од мечот.
Заклучокот од натпреварот, сепак, е дека македонската репрезентација од второто полувреме покажа дека може рамноправно да игра и на едно Европско првенство. Секако, истовремено нѐ остави и со горчлив вкус во устата бидејќи се наметна прашањето што ќе беше ако така игравме и во првото полувреме. Тоа веднаш се потврди и во изјавите на фудбалерите по мечот.