Се појави нова аудио снимка на YouTube: „Не ни треба ЕУ, на ЕУ ѝ требаме ние“

Откако пред неколку дена на наменски отворен YouTube канал по име „zelen crv“ се појави снимка насловена „Жугиќ против Албанците“, а на која наводно се слуша обраќање на претседателката на Градскиот комитет на Унија на жени при ВМРО-ДПМНЕ, денеска на сличен таков канал, именуван „golata poljana“, се појави уште една снимка на која повторно, наводно, се слуша гласот на Јелена Жугиќ. Според „А1он“, снимката до нив и уште неколку редакции е испратена утринава, на неколку минути пред 9 часот.

Како што може да се чуе од аудио-материјалот, (наводната) Жугиќ порачува дека ВМРО-ДПМНЕ не се бори со Заев, туку со Брисел и Вашингтон, против долгорочна стратегија за декомпонирање на држата, или како што вели гласот на снимката „И оваа мала Вардарска што ни остана, и таа да ни ја земат“, додавајќи дека „не ни треба ЕУ, на ЕУ ѝ требаме ние“.

Во дел од разговорот, говорничката ги спомнува и „удобните општински комитети, велелепните лустери, црвените теписи и махагони“, иако, во отсуство на контекст, тешко е да се каже дали е саркастична кога заклучува дека „и чувството ни е ‘wow, многу сме комфорни’ “.

Во видеото од пред неколку дена, пак, наводната Жугиќ зборува како ВМРО-ДПМНЕ не смее да ги изгуби локалните избори (не се знае во кој период е снимена и на кои избори се однесува кажаното). Во тоа обраќање, Жугиќ констатира и дека се остварува сѐ што предупредувал Груевски, а во тој контекст и дека во скопски Бутел, но и во Македонија, плански се форсира промена на етничката карта.

И двете снимки се објавени без никаков контекст или било каков посочен датум и освен што се алудира дека се работи за советничката на ВМРО-ДПМНЕ, сѐ друго е, помалку или повеќе, отворено за интерпретација.

Од „А1он“ додаваат дека ја контактирале Жугиќ за да ја потврди или демантира автентичноста, но таа само кратко одговорила дека „неовластеното тонско снимање е кривично дело“ и дека се воздржува од било кој друг коментар.

- Реклама -