Повеќе возила отколку граѓани на вториот ден од блокадите на ВМРО-ДПМНЕ

„Денеска повторно блокираме! Излези за Македонија!“, напиша претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил, со намера што повеќе граѓани да се придружат на повикот на партијата за блокада на крстосници во десет градови во Македонија. Но, на вториот ден од блокадите, само неколку часа од апелот на Мицкоски, јавноста сведочеше на нов пропаднат обид за масовност на протестите.

Фотографиите од блокадите, на кои може да се види како десетина симпатизери на партијата се обидуваат да го запрат сообраќајот, се повеќе служат за потсмев на социјалните мрежи.

Слабата заинтересираност беше евидентна во Скопје, но и во поголемите градови од внатрешноста, како Битола и Струмица, иако од партијата повикаа на масовност, но сепак втор ден потфрлија во реализацијата на блокадите. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски на Фејсбук сподели дека излегол на улиците за да го крене гласот за разговорите со Софија и да добие одговор од власта на прашањето „каков е тој патоказ, договор или што и да е“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, претходно истакна дека дава поддршка и за протестите кои ги организираа дел од родителите што се против најавениот процес на дигитализација, но самите организатори, особено по слабата посетеност, веќе подолг период не најавуваат дека повторно ќе излезат на улица.

- Реклама -