Влада: Со мерките, угостителската дејност остана активна и ликвидна – нови 6 милиони директна помош

Најпогодените од корона-кризата – кафулињата и рестораните, повторно ќе бидат помогнати, овојпат со 6 милиони евра, најави Владата. Преку шестиот економски пакет, на вкупно 2.204 угостителски компании на располагање им се оставени 5.77 милиони евра за вкупно 21 ден во периодот кога беа затворени, од 6 до 27 април, кога траеше забраната за работа како мерка за спречување на ширењето на КОВИД-19.

Со оваа мерка од шестиот економски пакет, на сите угостителски објекти ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година, за деновите во кои овие дејности беа затворени, соопштија од Владата.

Инаку, на јавниот оглас се пријавиле 2.406 угостителски компании, но право на користење на помошта имаат 2.204 ресторани и кафулиња, кои се пријавиле со соодветна шифра на дејност. Сепак, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат и 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 06.04.2021 година, согласно мерката за субвенции на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

„Со оваа мерка ќе бидат поддржани околу 6.000 угостителски објекти кои вработуваат 17.000 луѓе, а проценета вредност на мерката е 9.9 милиони евра“, велат од Владата.

Шестиот пакет мерки предвидува и поддршка од 2.5 милиони евра за рестораните за свадби, евент индустријата, игротеките, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес центри, фотографи и фотографски студија.

Од Владата посочуваат дека од почетокот на ковид-кризата па сѐ досега, креирале повеќе мерки кои ја таргетираат угостителската дејност, како што се субвенциите за придонеси, намалувањето на стапката за ресторантски услуги и служење храна и пијалоци, директната финансиска помош за регистрираните компании во угостителската дејност, репрограмирањето на долговите, овозможувањето бескаматни кредитни линии, и други. Со овие мерки, оценуваат од Владата, дејноста останала жива, активна и ликвидна.

- Реклама -