Уште помалку од 5.000 дози вакцини за прва доза има на располагање државава. Сите преостанати залихи се наменети за ревакцинација на граѓаните кои веќе примија една доза, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Сепак, тој посочи дека неделава треба да пристигнат околу 70.000 вакцини во земјава, и тоа 50.000 од Бугарија и 20.000 од Грција, затоа што сѐ уште нема точен датум за 500-те илјади вакцини од „Синовак“ од Кина, иако најавата била за почетокот на јуни. Вакцините од соседството, пак, веројатно ќе бидат вакцини од „Астра Зенека“. Министерството сѐ уште нема потврда за типот на вакцините, додаде Филипче.
Предмалку, пак, министерот извести дека пристигнале нови 11.700 од вакцината на „Фајзер”. Од нив 7.020 се преку директни преговори со производителот, а 4.680 дози се обезбедени преку ЕУ како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата за поддршка на Западен Балкан наречена „Тим Европа“ (Team Europe), која ја координира Австрија.
„Количините на вакцини постојано се дополнуваат, апелирам сите граѓани да се пријават за вакцинација на www.vakcinacija.mk“, додаде Филипче.
Според Министерството за здравство, вакцинацијата и натаму се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Досега вкупно се аплицирани 315.781 дози вакцини, а ревакцинирани се 81.273 граѓани. Во саботата вкупно се вакцинирале 10.792 граѓани, а вчера, прва доза примиле 597 граѓани. Досега барем со една доза се вакцинирани 47% од граѓаните на возраст над 70 години, односно 41% од граѓаните над 65 години. Доколку вакцините што би пристигнале од Бугарија и Грција се од производителот „Астра Зенека“, се поставува прашањето дали здравствените власти ќе ја следат Германија и ќе решат со оваа вакцина да се вакцинираат и помладите граѓани.